Филмот „Avec l’amour“ и „Квин симфони шоу“ во Градскиот парк во Скопје
Mакедонскиот долгометражен документарен филм „Avec l’amour“ на режисерот Илија Цветковски вечер во 22 часот ќе биде прикажан на отворено во Градскиот парк во Скопје, а утревечер во 21 часот ќе се одржи концерт „Квин симфони шоу“ на кој ќе настапи познатиот „Квин ријал трибјут“ бенд од Србија заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и Хорот на Македонската опера и балет.
Ова беше истакнато на денешната прес-конференција на Град Скопје, Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов истакна дека во соработка со МКЦ и Македонската филхармонија продолжуваат во атрактивни содржини во текот на летото.
– Вечерва продолжуваме со проекција на долгометражниот документарен филм „Avec l’amour“. Очекувам дека и човекот за кој е направен документарецот ќе се појави со еден од своите олдтајмери. Тоа е прекрасен филм, предизвик повеќе за скопјани да се најдат на отворената сцена и заедно да уживаме во овој настан, рече Шилегов.
Посочи дека познатиот „Квин ријал трибјут“ бенд на бината што ќе биде поставена пред Школка ќе свири песни од еден од највлијателните рок „Квин“ трибјут бендови.
Со специјални аранжмани за оркестар и хор, бендот ќе ги изведе најголемите хитови на една од највлијателните групи на сите времиња „Квин“.
– На настанот гости на град Скопје ќе бидат многу градоначалници од регионот. Скопје во текот на утрешниот и задутрешниот ден ќе биде мала метропола на регионалните градоначалници со кои ќе разговараме за размена на други искуства. Императив за мене е да работиме на враќање на сјајот на нашиот град, на нашите граѓани да им овозможиме културни настани кои ќе бидат опозит на досегашниот кич, затоа што скопјани заслужуваат да бидат ставени на мапата на светските културни центри, додаде Шилегов.
Директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески рече дека чест му е што бендот по сите светски настапи заедно со Македонската филхармонија и хорот на МОБ ќе се претстави во најдобро светло.
Менаџерот на бендот, Пеџа Стојниќ рече дека утревечер ќе има спектакл во Градскиот парк во Скопје. – Сме свиреле во разни метрополи. Ова што Скопје го прави е на ниво на големите европските градови во кои во летниот период се одржуваат големи концерти, големи културни манифестации, додаде Стојниќ.