Филипче: Резистентноста на антибиотици меѓу најголемите закани за здравјето
Резистентноста на антибиотици е една од трите најголеми закани за нашето здравје и време е да ја кренеме свесноста за овој голем јавно-здравствен проблем, истакна министерот за здравство Венко Филипче денеска на панел-дискусија „Поттикнување инвестиции за развивање нов антибактериски третман“, организирана во рамките на Светсиот инвестициски форум во Женева.
Како што соопшти Министерството за здравство, Филипче укажал дека поради неконтролирана употреба на антибиотиците и поради неправилниот начин на апликација, се повеќе бактерии се резистентни на антибиотиците коишто во овој момент постојат на пазарот насекаде во светот.
-Огромен дел од фармацевтската индустрија е насочена кон измислување нови лекови но, за жал, тоа не се антибиотици. Се измислуваат нови лекови за хронични болести, иновативни лекови за различни ретки болести, а за жал трендот на откривање нови антибиотици е спласнат повеќе од 20 години. Сега е тоа се поголем и поголем проблем со оглед на тоа што многу антибиотици можат да се купат без никаков рецепт, луѓето ги примаат на несоодветен, неконтролиран начин, а тоа предизвикува резистенстност. Затоа сме исправени пред предизвикот како овој проблем да почнеме да го надминуваме. Во Република Македонија има огромен капацитет да се инвестира во клинички испитувања и за тоа разговаравме со претставници на неколку големи компании. Имаме експертиза, имаме добро регулиран процес на клинички студии и сметам дека можеме да бидеме дел од многу мултицентрични студии и на тој начин да придонесеме во надминување на овој глобален, истакнал Филипче.
Министерот посочил дека Македонија ги следи препораките на Светската здравствена организација во борба со антимикробната резистентност и дека презема мерки за кревање на свеста преку предавања, организирање стручни конференции и креирање јавна кампања за обука на населението за рационална употреба на антибиотици.
-Дополнително, внимателно ја следиме ситуацијата, вршиме мониторинг како земја членка на CAESAR мрежата, ја користиме EUCAST методологијата и во следниот период ќе имплементираме нови методи во борба против антимикробната резистентност. Воспоставувањето јавно-приватно партнерство во Македонија во делот на истражување и мониторинг ќе биде корисно. Поттикнување инвестиции за развивање нов антибактериски третман е клучно во борбата против антимикробната резистентност, истакнал Филипче на панел-дискусијата во Женева во рамки на Светскиот инвестициски форум.