Филипче: Невистини ја нарушуваат вербата во здравствениот систем


Не постои никаква ситуација во која бебе недостига или било заменето. Бебињата на таа возраст ги идентификуваме со бројчиња, а не со имиња, и сето тоа било како што треба. Утврдивме дека станува збор за недоразбирање меѓу семејството на бебето и медицинскиот персонал кое потоа прераснало во кавга, рече министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција на која претстави пакет мерки за унапредување на состојбата во родилиштата.

Апелираше и до медиумите пред да објават, како што рече, сензационалистичка вест, да го консултураат менаџментот на клиниката, ПР-службата во Министерството и лично него.

– Една таква информација која испадна дека не е ниту блиску до вистината ја нарушува вербата во нашиот здравствен систем и сериозно ги инхибира и влијае на ентузијазмот на нашите здравствени работници коишто пожртвувано и чесно 24 часа си ја вршат својата работа, рече Филипче.

Одговарајќи на новинарски прашања министерот за здравство рече дека се уште ги елаборираат сите информации што ги добиле за време на презентацијата на Банката за развој при Советот на Европа и за кратко време ќе донесат одлука дали изградбата на Клиничкиот центар ќе продолжи каде што беше предвидена или тој целосно ќе се дислоцира.

Врз основа на потребите на институциите, Министерството за здравство наскоро ќе ги објави и државните специјализации.

– Во однос на приватните специјализанти, на кои им ветивме дека ќе им биде платена работата, а тие понатаму ќе продолжат приватно да специјализираат, ќе почне да се исплаќаат од март годинава, соопшти министерот за здравство.

Покачување на платите на медицнскиот персонал од пет проценти е планирано од втората половина на годинава, додаде Филипче, а со ребалансот на буџетот и повеќе.

– Во однос на корупцијата, размислуваме за ревидирање на законот на начин кој ќе дозволи дополнителна работа. Јас сум прилично сигурен дека тоа до некаде ќе ја намали корупцијата, додаде Филипче.