Фивр Реј и Севдализа доаѓаат на фестивалот Егзит


Долгата арт-поп листа на уметници кои уште од основањето доаѓаат секоја година на Егзит, ова лето на најдобар начин ќе ја продолжат две сензационални авторки кои на Петроварадинската тврдина ќе го донесат исклучително современиот уметнички израз. Првата е апсолутната икона на музичката сцена на 21-иот век Карин Дриер позната и како Фивр Реј.

Карин на тврдината доаѓа во врвот на кариерата, со хедлајнерски позиции на најзначајните фестивали ова лето, како што се „Примавера“ или „Мелт!“ кој ја издвои меѓу трите главни хедлајнери на фестивалот. Исто така со својот бенд, и единствениот и исклучително визуелен настап, на овогодишниот Егзит доаѓа уште една изразито актуелна авангардна поп ѕвезда и во моментов водечка трип-хоп уметница Севдализа. Актуелниот албум „ISON“, како и одличните настапи и впечатливите спотови ја лансираа иранската уметница на сцените на водечките светски фестивали.

Планетарната популарност Фивр Реј ја стекна преку обожуваниот и крајно револуционерен електронски состав „The Knife“ чии пет албуми силно влијаеа на денешната музика низ повеќе генерации. Во меѓувреме Карин својот продорен глас го позајми и за најголемиот хит на групата „Royksopp“ за нумерата „What Else Is There“, а во норвешки дух ги сними и подеднакво омилените песни „This Must Be It“ и „Tricky Tricky“. Првиот самостоен албум го објавува како Фивр Реј во 2009-та година, а „Гардијан“ и „Резидент Адвајзор“ го прогласија за втор најдобар албум таа година. Албумот ги изнедри колосалните нумери „When I Grow Up“, „Keep The Streets Emtpy For Me“ и секако најслушаната „If I Had A Heart“, која последните години прерасна во вистинска химна преку воведната секвенца на популарната серија „Викинзи“.

Нејзините настапи обвиени со мистика беа навистина малкубројни и последната самостојна турнеја ја заврши уште во 2010-та година, па не изненадува огромната фама која се создаде откако неодамна го објави албумот „Plunge“. Албумот е во склад со годишното мото „EXIT Freedom“, бидејќи и Карин лично го опишува како дело „за слободата и љубопитноста“, со кое ги истражува општествените норми кои опстојуваат и во 21-иот век и кои ги кројат правилата на однесување на жените.

Севда Ализадех повеќе позната како Севдализа е родена во Иран, а пораснала во Ротердам. Таа била сама свој учител по пеење, пишување, режија и компонирање, а течно владее со дури пет јазици. А нејзиниот труд не бил залуден, бидејќи денеска ја препознаваат како иднината, не само на алтернативната сцена, туку и на звукот кој најмногу одговара на она што навистина го одредува овој век. Нејзината музика ја карактеризираат сложеноста на нејзиниот зарипнат и сензуален RnB вокал, отсечните музички фрази и елегичните мелодии кои ги носат силните бас линии. Ритмичките тензии се претопуваат во хаотични кулминации додека во мелодиите се мешаат панк, трипхоп, електроника и грајм. Целиот музички израз го заокружуваат текстовите на песните во кои јасно е воочливо влијанието на книжевноста и филозофијата, а критичарите по двата одлични макси-синглови, „The Suspended Kid“ и „Children of Silk“, нејзиниот албум првенец „ISON“ веќе го нарекоа предвесник на новата музичка ера. Публиката на EXIT фестивал ќе има прилика во јули на Тврдината да ужива во нумерите како што се „Human“, „That Other Girl“ и „Sirens of the Caspian“.