Фернандо Торес заминува од Атлетико Мадрид


Фудбалерот на Атлетико Мадрид, Фернандо Торес, соопшти дека на крајот од сезоната ќе го напушти клубот.

За популарниот „Ел Нињо“ ова е втор мандат во мадридскиот клуб, откако по првиот период во Атлетико од 2001-2007 година, потоа ги носеше дресовите на Ливерпул, Челзи и Милан.

Торес се врати во 2015 година, но оваа сезонава е во втор план, воглавно како резервен играч кај тренерот Диего Симеоне и на 34 натпревари постигна само седум гола.

– Дојдов тука кога имав 10 години и ова е моја куќа. Сите мои сништа се исполнети со играњето во Атлетико. Време е за разделба, ова е мојата последна сезона. Одлуката не беше лесна, но морав да ја донесам и да ја објавам со должна почит кон навивачите и клубот, нагласи Торес.

Тој за Атлетико вкупно има постигнато 126 голови, а кариерата ќе ја продолжи во Кина или во американската МЛС лига.