Феми Кути, Џијан Емин и Македонска филхармонија со концерт на Калемегдан


Оркестарот на Македонската филхармонија, заедно со африканската ѕвезда Феми Кути и Емин Џијан како диригент, на 13 септември, в четврток, ќе одржи концерт во Белград на отворено, во прекрасниот амбиент на Калемегдан.

Овој грандиозен проект премиерно беше одржан во Скопје под името „Филхармонија на отворено“ во Градскиот парк на 7 јуни, пред околу 15 илјади посетители.
Нигерискиот музички уметник, принцот на афробитот и достојниот наследник на неговиот татко, култниот Феми Кути, повторно настапува во Белград со неговиот бенд „Позитив форс“, но за белградската публика, како и за светската, неговата соработка со симфониски оркестар е новитет, за чии аранжмани на композициите се погрижи Емин Џијан. И на концертот во Белград ќе бидат изведени најголемите хитови на Феми Кути кои се наоѓаат на сите десет негови објавени албуми, од кои четири беа номинирани за престижната награда „Греми“.
„Среќни сме што сме гости во вашата земја. Ова е град со прекрасни луѓе. Првпат работам со симфониски оркестар и тоа за мене е како бајка која се оствари. Веројатно, ова е најголемата работа што ја правам во животот. Џијан Емин ја познава мојата работа и согледа дека може музиката да звучи добро со симфониски оркестар. Затоа, јас него го нарекувам брат, затоа што тој знаеше дека е ова вистинска работа, а јас сум среќен што не ја испуштив оваа ретка и прекрасна можност“, истакна Феми Кути на прес-конференцијата која се одржа пред неговиот настап во Скопје.
Предгрупа на Феми Кути и Македонската филхармонија ќе биде белградскиот состав „Igor Vince & His Drum, Brass And Keys“, чија музика е фузија од реге, фанк, латино, афробит и соул. Перкусионистот Игор Винце е всушност долгогодишен член на бендот на Феми Кути – „Позитив форс“.
Инаку, со миксот од т.н. енергетски набиен фанк, џез, реге и традиционални африкански ритми, во своите песни Феми Кути зборува за политичката корупција, сиромаштијата, лошите животни услови во родната Нигерија, како и во светот, за диктаторскиот режим.
Неговата музика се занимава со политичкиот и социјалниот аспект на живеење, со општествениот ангажман, носи силни пораки и токму тие се врзивната точка меѓу него и неговиот татко. Феми Кути, всушност, ја следи сличната филозофија на она што го втемели Фела Кути и затоа неговата музика инспирира и има за цел да го промени и да го мотивира африканскиот народ.