Фанови од земјава и Балканот во Крушево го одбележуваат 37. роденден на Тоше Проески (фото)
Со посета на вечниот дом на Тоше Проески на Гумење во Крушево и со пригодна програма во спомен куќата „Тоше Проески“, денеска Крушево и фановите на Тоше Проески од земјава и од целиот Балкан го одбележаа 37-от роденден на македонската и балканска музичка ѕвезда.
И по 11 години од трагичната смрт на Тоше во сообраќајната несреќа кај Нова Градишка, Хрватска, неговите обожаватели не престануваат да доаѓаат, да се потсетуваат, да ги пеат неговите песни.
– Тажно е што сме без Тоше, но радосни сме што имаме многу спомени кои вечно ќе живеат, вели обожавател од Прилеп.
– Тоше е чиста љубов. Доаѓам од Пула, Хрватска неколку пати годишно. Овде е цел балкан, Тоше не поврза. И само поради љубовта. нема националност, верска припадност, туку само Тоше, вели обожувателка на Тоше Проески од Хрватска.
Во 11 часот и 15 минути (времето кога се родил Тоше 1981 година) беа положени свежи цвеќиња на гробното место на Тоше на Гумење. Во чест на Тоше, во спомен куќата „Тодор Проески“ со музичка манифестација пригодно беше одбележан роденденот на Проески.
Настапија локалниот бенд „Кици и Пеце“, потоа хорот на средното училиште „Наум Наумовски Борче“ како и оперскиот пејач, сопранот Билјана Јосифов, придружувана од клавијатуристот Сашко Николовски.
Постхумниот албум на Тоше, насловен „Сикрет плејс“ со десет песни е готов и ќе им биде подарен на неговите фанови, а се снимаат три спота, вели Андреј Николоски, претседател на фондацијата „Тоше Проески“.
– Албумот „Сикрет плејс“ е четврт постхумен албум на Тоше и е во завршна фаза со десетте песни и ќе им биде подарен на неговите фанови. Во финална фаза се и три видео-записи за три песни од албумот: едниот е снимен во македонската филхармонија, другиот во студио, а третиот се снима во Крушево. Во договор со Министерството за култура ќе има и концерт во арената „Борис Трајковски“ на кој ќе биде промовиран албумот. На албумот е и песна на внукот на Тоше, Кристијан, посветена на неговиот вујко за која ќе се сними видео запис, рече Николоски.
Виктор Илиески, директор на Македонската Филхармонија потврди дека еден од спотовите е снимен спот со гудачката секција на Филхармонијата.
– Спотот и песната ќе бидат промовирани на концертот во арената „Борис Трајковски“. Студиото на македонската филхармонија се вклучува во снимање негова песна зашто Тоше, безрезервно го заслужува тоа и многу не задолжи сите нас, рече Илиески.
Директорката на спомен-куќат „Тодор Проески“ нагласи дека музејот на Тоше е еден од најпосетуваните и досега го посетиле преку 600.000 гости од земјава и странство. Има и нов експонат.
– Во спомен-куќата се 350 експонати кои се менуваат и обновуваат на двата значајни датума: 25 јануари, роденденот на Тоше и 16 октомври, денот кога ој загина. Сега, ексклузивно имаме нов експонат. Имено, пред една недела успеавме да го добиеме признанието за првата награда на Тоше на првиот „Еврофест“ одржан 1998 година, рече Мирчевска.
Според градоначалникот на Крушево Томе Христоски, градот е горд што го имаше Тоше, а сега почнуваат активностите за достојно уредување на неговиот вечен дом на Гумење.
– Од владата се одобрени околу 160.000 евра за достојно уредување на гробното место на Тоше Проески. Сите се согласија, родителите, фановите, крушевчани дека вечното почивалиште на Тоше ќе остане на Гумење. Останува да се усогласиме со владата како ќе течат активностите. Има само идејно решение, а поинтензивно работите ќе се одвиваат напролет, рече Христоски.
Во Спомен-куќата „Тодор Проески“ денеска се одржа и традиционалната крводарителска акција во чест на Тоше