Уште се троши за новата зграда на владината служба


Не запираат трошоците за заокружување на проектот „Скопје 2014“. Уште 300.000 евра ќе потроши Владата за новата зграда за нејзината служба за општи и заеднички работи. Во случајов парите се за партерно уредување на просторот околу објектот на Факултетот за драмски уметности и неколку државни служби, во кои меѓу другите ќе се всели и СОЗР. Токму таа одлучила „Гранит“, кој е и изведувач на барокното здание, да го уреди просторот околу зградата. Според договорот, изведувачот има обврска во рок од еден месец да го изведе планираното откако ќе почне со градежните работи на терен. Практично, ова се последните неопходни активности пред вселување во објектот.

Од Службата велат дека потоа ќе остане да се заврши процедурата за технички прием на објектот и планираните административци и Факултетот да почнат да се вселуваат. Во меѓувреме, секоја од институциите за која има предвидено простории во објектот ќе биде задолжена да си обезбеди мебел и опрема.

„Тоа нема да биде на наш трошок, туку на секоја од институциите“, ни изјави директорот на СОЗР, Пеце Мирчески. Вели дека Службата во меѓувреме го сервисира наследениот долг за оваа зграда. Откако тој е на директорското место, исплатил околу 4 милиони евра.

„Воопшто ништо не беше платено, а ние во меѓувреме бевме принудени да правиме нови трошоци за доизградба на делови од зградата и за партерното уредување, што е практично последен чекор за заокружување на проектот. Пред Нова година потпишавме договор за дополнителни работи за доградба и сега за партерот, во вкупна вредност од околу половина милион евра“, вели Мирчески.

Со последниот договор, вкупната вредност на објектот достигна речиси 27 милиони евра. Тој е еден од првите што почна да се гради како дел од „Скопје 2014“, а ќе биде готов меѓу последните. Изградбата стартуваше во април 2012 година врз основа на идејно решение на „Неимар инженеринг“. Објектот има седум ката и потпокрив и е изграден во барокен стил.

 

Половина од планираните институции останаа без канцеларии

Дел од институциите, кои првично беше планирано да се сместат во овој објект, сепак, нема да имаат свои канцеларии во зградата. Од владината служба посочуваат дека таква одлука донела Владата пред неколку месеци. Така, без простор во ова барокно здание ќе останат Биро за судско вештачење, Агенција за планирање на просторот, Државен завод за индустриска сопственост, Биро за регионален развој и Дирекција за технолошки и индустриски зони.

Од СОЗР информираат дека покрај нив во зградата ќе се преселат Факултетот за драмски уметности, Агенцијата за цивилна воздушна пловидба, Министерството за животна средина, Управа за финансиска полиција и Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.

 

Деспина Трајковска-Димова