Уште нема амандмани за Закон за јазиците


Законот за употреба на јазици в понеделник, на 29 јануари, повторно се враќа во Собранието на „трето читање“, откако претседателот на државата Ѓорѓе Иванов одлучи да не го потпише Указот затоа што „е во спротивност со Уставот и го загрозува унитарниот карактер на државата“.

Пратениците на СДСМ до крајот на неделата ќе донесат одлука дали ќе предложат амандмани по Законот за употеба на јазиците. Тие сè уште го разгледуваат предлогот од претседателот Иванов, кој ги содржи забелешките на 14 страни.

– Како пратеници ни треба време да ги разгледаме неговите забелешки и сугестии и до крајот на неделава ќе одржиме координација на која ќе одлучиме како ќе постапиме и ќе го донесеме нашиот конечен став – изјави вчера заменик-координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески.

Засега нема најави за поднесување амандмани и од другите пратенички групи.

За барањето на ВМРО-ДПМНЕ, пак, за формирање работни групи за Законот за употреба на јазиците, Митрески вели дека опозициската партија и во минатиот период и сега кога Законот е вратен во трето читање има можност да поднесе амандамни и низ амандманска расправа да се корегира текстот.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека формирањето на работни групи за Законот за јазици не значи и учество на нивните пратеници во работата на Парламентот, но тоа ќе биде добар чекор и позитивен сигнал за политичкио дијалог во Собранието.

Претседателот Иванов во забелешките меѓу другото посочува дека дел од законските одредби се дискриминаторски кон останатите етнички заедници.

Тој смета дека е дискриминаторска одредбата која предвидува на книжните, кованите пари и поштенските марки да има симболи од културното наследство на Албанците, а двојазичност да има на поштенските марки, бадеролите и уплатниците.

– Ставовите 1 и 2 од овој член се во спротивност со обврската на Републиката да им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници и им го ограничува правото на припадниците на помалите етнички заедници да ги употребуваат симболите на својата заедница на книжните и кованите пари и поштенските марки. Вакви решенија можат да се сметаат за дискриминаторски по основ на национално потекло што е во спротивност со член 54 став 3 од Уставот на Република Македонија, стои во забелешките.

Претседателот Иванов не ја оспорува уставноста на ставот 3 од овој член кој предвидува двојазичност на униформите на полицијата, здравствените работници и пожарникарите во Скопје и општините со над 20 отсто Албанци.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера побара Владата да го повлече Законот, квалифкувајќи го како неуставен.

– Бараме да се формираат работни групи од претставници на сите парламентарни групи во Собранието, експертска и стручната јавност и тие да работат на утврдување на потребата за носење ваков закон и за отстранување на неуставните елементи на законот за јазици, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на прес-конференција.

Според Владата пак Законот за употреба на јазиците е согласно Уставот, изгласан е во демократска, парламентарна процедура и е во интерес на сите граѓани и во рамки на концептот едно општество еднакво за сите.

– ВМРО – ДПМНЕ имаше можност да учествува во процесот на носење на овој закон во Собранието на Република Македонија, но одби да го направи тоа со што демонстрираше политичка неодговорност. Имајќи предвид дека претседателот Иванов не го потпиша указот, Законот за употреба на јазиците, повторно ќе се најде во собраниска процедура, при што ВМРО – ДПМНЕ ќе има можност активно да интервенира преку амандмандска расправа, соопштија од Владата.

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски, како што објавија некои медиуми, вели дека Законот за употреба на јазиците по усвојувањето ќе биде испратен на мислење до Венецијанската комисија.

– Постои заклучок на Владата Законот за употреба на јазиците да се испрати на рецензија до Венециската комисија. Законот требаше да биде испратен веднаш по првото усвојување во Собрание. Но, по непотпишувањето на указот од претседателот Иванов, тоа ќе биде сторено по усвојувањето на законот по втор пат, изјави Бошњаковски.

Законот најпрво Министерството за правда ќе го испрати до Министерството за надворешни работи, па од тука и до Венецијанската комисија.

Законот кој содржи 25 члена беше донесен на 11 јануари. Претседателот Ѓорге Иванов на 17 јануари не го потпиша Указот за овој Закон.

Доколку пратениците повторно со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници го усвојат Законот за употреба на јазиците, претседателот на државата е должен да го потпише Указот, стои во членот 75 од Уставот на Република Македонија.