УСЈЕ на ремонт до февруари


Цементарницата УСЈЕ го сопре целокупниот процес на производство. Од Министерството за животна средина велат дека побарале од нив да изгасат една печка што согорува отпад поради енормното загадување на воздухот во Скопје, по што раководството одлучило да го запре целиот процес, со објаснување дека и онака требало да го извршат редовниот ремонт.

Од Цементарница УСЈЕ вчера ни потврдија дека производствениот процес е прекинат заради нивен редовен годишен ремонт и имплементација на нови инвестиции што треба да ја зголемат нивната ефикасност.

„Работата на печката К3 е прекината на 7 декември 2017 година, додека на печката К4 на 8 јануари 2018 година во 13:30 часот. Двете печки е планирано да бидат повторно ставени во погон во текот на февруари оваа година. Цементарница УСЈЕ работи по највисоките стандарди во областа на животната средина. Компанијата има Интегрирана еколошка А-дозвола и согласно одредбите од истата во работењето на компанијата се применуваат најсовремените технолошки пракси од областа. Истовремено, работењето на компанијата се следи со независен мониторинг 24 часа, 7 дена во неделата, а податоците од мерењата ги имаат на увид сите релевантни институции. Сите податоци во континуитет покажуваат дека УСЈЕ не само што не ги поминува законски дозволените граници, туку со своето работење е далеку под дозволениот лимит“, велат од УСЈЕ.