Урнат рекорд во скопската Зоолошка


Зоолошка градина урна рекорд во посетеност. Изминатиот викенд биле продадени 10.000 влезници. Ако се има во предвид дека не се наплаќа билет за деца до три години, извесно е дека во ЗОО во саботата и неделата имало многу повеќе од 10.000 луѓе.

Од ЗОО велат дека ова всушност е рекорд од постоењето на ЗОО, која во 2016 година одбележа 90 години постоење. Статистички, најголема посетеност е за време на викендите и до минатиот викенд, рекордот изнесувал 8.000 продадени билети во рок од два дена.

„Очекувана беше толкава посетеност, имајќи во предвид дека времето беше сончево и топло после неколку месечните ниски температури и дождови. Периодот што претстои се надеваме на константна голема посетеност, не само поради убавото време туку и поради содржините што ги нудиме“, изјави директорот Јорданчо Милошевски за „Независен весник“.

Преполно беше пред живеалиштата на животните, а редици и до половина час се чекаа за возење со пони кончињата, за кругче со вовчето…За билет за влез се чекаше најмалку 20 минути. (Д.Т.Д.)