Унгарска Влада: ЕК пишуваше за нехумани услови во затворите во Македонија


Портпаролот на Владата на Унгарија, Золтан Ковац, му одговори на еврокомесарот Јоханес Хан, кој побара разумно или солидно објаснување од премиерот Виктор Орбан зошто му е доделен политички азил на поранешниот премиер Никола Груевски.

„Разумно објаснување? Почнете со читање на вашиот извештај за Македонија од март 2018 година за ризиците од политичко мешање во судството и извештајот од октомври 2017 година за затворите“, напиша Ковац на Твитер.

На официјалниот сајт на унгарската Влада, поставено е соопштение во кое се дообјаснува пораката на Ковац од Твитер.

„Европската комисија во својот извештај укажа дека условите во затворот Идризово се апсолутно недоволни и ги загрозуваат животите на затворениците, а условите во кои се чуваат луѓето може да се сметаат за нехумани во неколку делови од затворот. Освен тоа, извештајот исто така ја споменува проширената корупција, при што затворениците добиваат подобри ќелии, лекови, мобилни телефони, па дури и дрога, доколку имаат пари да платат за тоа“, стои во соопштението на Унгарската влада.

Претходно, Хан на „Твитер“ објави дека доколку е потврдена информацијата дека Унгарија одобрила азил за Никола Груевски, тој од Виктор Орбан очекува солидно објаснување за основите на азил.

„Владеењето на правото останува темелен принцип за земјите членки и земјите кандидати на ист начин. Клучно е за кредибилитетот на Европа. Изненадувачки е што Унгарија поддржува членство во ЕУ за Македонија, но не ја смета за безбедна”, напиша Хан.