Умре царот, да живее царот


 Ерол Ризаов

Нова гротеска, жална и смешна до солзи, е обидот Никола Груевски да се прикаже како светец, страдалник, жртва на домашни предавници и кодоши и странски нарачатели кои ја разнебитуваат Македонија и го обезличуваат македонскиот народ. Наследниците на тронот во партијата се здале да градат култ на личност со одамна добро познатата доктрина за величење на тираните: неговото височество е ангел од бога пратен, ама тие околу него му свртеа грб, не ги извршуваат повеќе неговите наредби, затоа Македонија страда. Го издадоа изродите најголемиот син што се раѓа еднаш на илјада години. Тој е екстракт од повеќевековна народна мудрост содржана во еден човек, ќе каже и напише своерачно знаменитиот Љубиша Георгиевски кога вождот беше најмоќен.

Денеска доволно дозирана почит беше што режисерот потпрен на бастун стаса на поклонение во театарот на една партиска претстава, силна пародија, без главниот јунак на сцената кој ја игра главната улога, но неговиот дух е во секој изговорен збор. На 125-годишнината од ВМРО ја гледавме драмолетката – „Умре царот, да живее царот“.

Мислеле, мислеле дворјаните со ореолот на маченик што ќе му го стават на главата на Никола Груевски пред да замине во затвор како да го спасат и него, и себеси, и државата од злоделата и гревовите. И смислиле. За сè што не чини во Македонија, виновни се тие што се противат и не се согласуваат со царот и неговите престолонаследници. Потоа зеле да ја чистат партијата од предавници, кодоши, арамии… од сите гадови што го предале светецот и го истуриле ѓубрето во дворот на непријателот. Им ја препишале хипотеката за својот долг на политичките противници. Така смислиле итарпејовците во ВМРО-ДПМНЕ да расчистат со сè она што им тежи и им претставува баласт. Врескаат силно, еве ви ги бакшиш овие што нè предадоа нас, тие се сега ваши сосе гревовите што ги направија, тие се вашите нови коалициски партнери, да видите како ни беше нам со нив. Тие го предадоа апостолот на ВМРО-ДПМНЕ и ја сквернавеа иконата на светецот, кој поради нив невин треба да гние во затвор. Е, тоа нема да го дозволиме и ќе бараме не помилување, не помирување, не амнестија, не аболиција, туку закон над сите закони, царска уредба, да се ослободат сите што се следбеници на стариот и на новиот цар и да се прогласат за патриоти и јунаци.

Гротеската станува трагедија откако драмата стаса во дворот каде што ВМРО-ДПМНЕ го истовари својот баласт и ја препиша својата хипотека на сметка на владата и на коалицијата на власт тие да го платат долгот на царската камарила сосе трошоците за дворските шутови и паљачовци, за големите дела и зданија во слава на царот, баснословен борч натрупан цели 11 години, пари во милијарди на ограбениот и осиромашен народ. Грешниците во новата црква ги потпишаа индулгенциите без да ја менуваат верата. Дали судиите ќе им ги простат гревовите ќе зависи пак од политиката. Жална Македонија, треба да ја одредува својата европска иднина со прифаќање на индулгенции за простување на гревови на грешниците против кои кренаа востание и ги соборија со бомби. Сега, кога избираат кое е помалото од две големи зла, велат нека одлучи комисија за простување и помирување. Собранието ќе биде црковен храм за простување гревови, а во соборниот храм ќе се одржи парламентарна сесија, на која владиците ќе го крунисаат новиот цар и ќе отворат расправа – што е поголем грев: договорот со Грција, уставните промени или членството во НАТО и во ЕУ.

Гротеската што стана пародија, па трагедија, па црковна процесија, се префрли и во џамијата како задолжителна молитва за дополнителни уставни промени кога веќе е отворена Пандорината кутија. Албанските коалициски партнери подготвуваат амандмани на уставот за албанскиот јазик заборавајќи на законот за јазици кој е двапати усвоен во парламентот и чека потпис на претседателот на државата и прашање на денот е кога ќе биде објавен во „Службен весник“, та потпишал та не потпишал претседателот, бидејќи кога не ја извршува својата должност тоа може да го направи претседателот на Собранието кој го заменува при негова спреченост да ја извршува функцијата. Заложбите за дополнителни уставни промени кои не се предвидени во договорот од Преспа не може да се сфатат поинаку освен како условување и уцена во еден многу деликатен момент од остварување на историски цели. Значи, не станува збор за оправданоста на барањата, туку за последиците кои би биле предизвикани со еден ваков сосема погрешен потег во погрешно време кој може да го доведе во прашање изгласувањето на уставните промени, а со тоа и евроатлантските интеграции. Покрај законот за проширување на употребата на албанскиот јазик во Македонија и преговорите со ЕУ, во своите поглавја разрешуваат голем број прашања околу правата на граѓаните, така што ќе има доволно можности да се гради граѓански концепт, ако е тоа искрената намера на предлагачите на дополнителни уставни промени токму сега.

Што може во ваква ситуација да избира и да отфрли Зоран Заев и Владата при кревкото двотретинско мнозинство во кое сите имаат тешки побарувања. Пратениците од ВМРО- ДПМНЕ и од другите опозициски партии кои се одважија да гласаат по свое убедување за отпочнување со постапката за уставни промени имаат свои услови јавно доставени до парламентот. Некои од нив не се ни малку лесни. ВМРО-ДПМНЕ подготвува закон по итна постапка да бидат ослободени од судско гонење, што ќе рече, да бидат прогласени за невини сите што останале лојални на партијата и на Груевски, а кои се обвинети за тешки кривични дела. Не само за настаните од 27 април, туку и за она што го работи СЈО и другите обвинителства. Пораките од консултациите со граѓаните на референдумот не се помалку значајни и тешки и не смеат да се губат од предвид и на тие што гласаа „за“ и тие што гласаа „против“ и на тие што не гласаа, апстинираа, бојкотираа…

Кое е најдоброто и најисправно решение во една ваква навистина тешка ситуација? Ако се примени европскиот прагматизам во политиката, кој секогаш поаѓа од повисоките државни интереси, премиерот Заев и Владата заедно со коалициските партнери не би требало да имаат дилеми, иако одлуките се тешки со сериозен удар врз рејтингот на власта. Нивната подготвеност на жртва за повисока цел одредува да го прифатат помалото зло без колебање како и досега. Тоа може да се направи ако се рангира тежината на одговорноста од највисоките до најниските виновници за направените злодела на претходната власт и на врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Судовите и правдата не смеат да се попречуваат во нивната работа со ниту еден гест и најмал притисок. Тоа би била најголемата грешка што може да се направи во еден ваков тежок и значаен, според многумина пресуден историски момент. Што се однесува до политичките одлуки, било да се простување, помирување, помилување, амнестија или аболиција, за нив треба да се преземе одговорноста. Тоа е таа жртва која мора да се понесе наредните неколку месеци во Македонија.

Ова е еден од најголемите испити што го полага Македонија од независноста до денес. Целиот нареден десетгодишен период, ако Македонија идната година стане членка на НАТО и ги почне преговорите со ЕУ, ќе биде најдраматичната деценија во поновата историја на македонската држава. Мора да се менуваат многу нешта не само во законите, туку и во свеста на граѓаните. Европските вредности не можат да се усвојат само со закони.