Игор Јосифов поканет на Венециското биенале 2019: Се надевам Македонија ќе ме поддржи


Мултимедијалниот уметник Игор Јосифов доби покана од Европскиот културен центар да учествува на две важни биеналиња од областа на уметноста, а тоа се Ташкент во Узбекистан, кое се одржува овој месец и Венециското биенале, кое ќе се случува следната година. Тој вели дека учеството во Венеција ќе биде една од најзначајните изложби во неговата кариера. Јосифов веќе десетина години својата кариера ја гради низ светот, претежно во САД. Зад себе има многубројни изложби и мултимедијални перформанси кои го сместуваат меѓу најкреативните уметници во светски рамки.

Годинава се чини дека е плодна за твоето творештво. Ќе учествуваш на Биеналето во Ташкент, Узбекистан. Што ќе претставиш?

Во Ташкент ќе имам нов перформанс „Fire Within“ кој ќе го презентирам на 10 октомври за време на свеченото отворање на VIII Меѓународно биенале во Ташкент на современата уметност во централната изложба. Исто така, спремам нова инсталација со стаклени скулптури и видеопроекции која се вика ‘Becoming Clear | Crushing Glass’ и ќе биде изложена од 8 до 14 октомври 2018 во еден од павилјоните на биеналето. VIII Биенале во Ташкент е меѓународен настан со уметници поканети од целиот свет и се одржува во 6 изложбени павилјони од Ташкент и Бухара. Темата на Биеналето е „Уметност и нови технологии, предности и недостатоци“. Европскиот културен центар ќе учествува со 10 различни проекти меѓу кој сум избран и јас да учествувам.

Твоето учество таму е на покана на Европскиот културен центар. Колкава е важноста за еден уметник поддршката и довербата од овој центар?

Поканата од Европскиот културен центар е од огромна важност за мојата кариера, ова е почеток на долгогодишна соработка со нив за реализација на мои проекти кои ми се сон да ги остварам. Премногу сум задоволен од професионалноста на тимот што работи за Европскиот културен центар и за Фондацијата ГАА, имаат светски успех со своите проекти и феноменални музејски простории и палати во Венеција, Москва, Амстердам, Њујорк.

Европскиот културен центар те покани и на Венециското биенале што ќе се одржи следната година. Интересно е што таму добиваш еден огромен простор за изложување кој е во срцето на Венеција, а досега уметниците од Македонија не успеале да се изборат за таа локација. За каков простор подетално станува збор?

Успеав да се изборам за неверојатен изложбен простор #7 во Палацо Мора, кој е на првиот кат веднаш до самиот прием во палатата изградена во 11 век каде што ја доделуваат и наградата за архитектура. Кога ги посетив палатите на Европскиот културен центар, имав можност да одберам помеѓу Палацо Бембо и Палацо Мора, и двете палати се неверојатни, но сепак се одлучив за Палацо Мора и просторот е совршен за мојата визија на проектот што ќе го реализирам. За Венецијанското биенале 2019 година во мојот простор планирам да имам трансформативна изложба во време траење од 6 месеци од 9 мај до 24 ноември 2019 година.

Темата на која ќе се одржи Венециското биенале на уметноста е „Интересно време“, односно да се живее во интересно време. Како ти оди со подготовките и може ли да ни откриеш дел од она што ќе го изложиш?

Публиката ќе има можност да биде дел од мојата трансформативна инсталација, ќе имам специјални датуми посветени за авторските права на уметникот каде што ќе изложам клучни дела кои се симболично поврзани со темата и ќе ја споделам мојата долгогодишна работа на оваа современа проблематика која им се случува на многу уметници насекаде во светот и е од голема важност да се адресира. Исто така, ќе имам перформанси кои ќе бидат најавени и ќе ги реализирам во Палацо Мора и на неколку локации кој Европскиот културен центар ми ги овозможува за време на Биеналето во Венеција. Оваа презентација ќе ми биде една од најзначајните изложби во мојата кариера, кулминација на сето мое искуство.

Македонија како земја редовно учествува на Биеналето во Венеција, но во твојов случај не станува збор за официјален претставник кој земјата го избрала. Твоето претставување е на предлог на Европскиот културен центар. Во право ли ќе бидам ако заклучам дека Европа и светот ја препознаа и признаа твојата работа пред твојата татковина?

Целосно, мојата кариера почна уште додека студирав на Академијата за уметност на Универзитет во Сан Франциско, ја имав честа да учествувам на многу многубројни и важни изложби во светски музеи и институции. Самата работа и уметноста ги отвораат вратите во светот и благодарение на мојата искреност во творештвото и посветеност ги добивам поканите да бидам дел од историски настани како што е и Венецијанско биенале.

Уметноста треба да се цени и почитува, уметноста од своите почетоци ја следи историјата на тоа како луѓето живееле и ја отсликува вистината. Затоа сите уметнички институции треба да ја негуваат и имаат професионален однос со уметниците… Истото важи и за уметниците, за тоа треба секој еден човек да го гради своето искуство и да учи за себе преку уметноста, се надевам дека ситуацијата во Македонија ќе се подобри во тој контекст.

Официјално, сè уште не е објавен конкурсот од Министерство за култура за учество македонски уметник/ци на Венециското биенале. Дали имаше некаква комуникација со Министерството, дали ги извести за овој успех и се обиде ли да побараш некаква поддршка?

По правило, во секоја држава во светот конкурсот за Венецијанско биенале е објавен две години пред настанот, Венециското биенале е огромна одговорност за секое министерство за култура во светот и се подготвува да избере најдобар претставник кој ќе ја претставува културата и уметноста на таа земја.

Оваа недела ќе поднесам барање до министерството за култура и се надевам дека ќе го поддржат моето учество на Венециско биенале 2019. Ќе ве информирам штом имам резултати.

Освен уметничката творба, за учеството на Биеналето во Венеција е потребна и солидна финансиска поддршка. На кој начин ќе ја обезбедите и кој сè би можел да помогне?

Јас се приближувам до спонзорите овој месец, кои се подготвени да го поддржат мојот проект и да имаат корист од оваа можност. Спонзорите на Европскиот културен центар ќе имаат пристап до широк спектар на бенефиции. Самиот простор во Палацо Мора чини многу и продукцијата за мојата инсталација исто така. Потенцијалните спонзори се добредојдени да разговараат со Европскиот културен центар за секоја специфична желба или барање што би можеле да имаат и да работат заедно со нив за креирање на план кој одговара на нивните потреби. Се надевам дека ќе ги обезбедам средствата во најкраток период за да можам да се посветам целосно на моето творештво. Очекувам разбирање и интерес од сите спонзори да ми помогнат со финансиска донација која значајно ќе ми помогне во покривање на планираните трошоци за моето учество на Венециско биенале 2019.

Ивана Настеска