УЗКН: Црквата во с. Матејче да се прогласи за културно наследство во опасност
Денес, делегација од Управата за заштита на културното наследство, предводена од директорката д-р Елеонора Петрова – Митевска, присуствуваше на богослужба по повод празникот ,,Рождество на Пресвета Богородица“ во манастирот Света Богородица во село Матејче.
На свечениот празник, пред голем број верници, меѓу кои и градоначалникот на општина Куманово г. Максим Димитриевски, директорката на Управата за заштита на културното наследство истакна дека Управата повторно ќе ги иницира сите свои правни механизми за прогласување на црквата посветена на Света Богородица во село Матејче за културно наследство во опасност.
Храмот посветен на Света Богородица, лоциран над селото Матејче, е една од најмаркантните цркви создадена во средновековниот период. Сместена на планинскиот масив на Скопска Црна Гора, црквата во манастирот Матејче ги отсликува врвовите на средновековната ликовна продукција на македонската територија. Манастирската црква е изградена во XIV век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале. Црквата Света Богородица во Матејче во себе го содржи најголемиот насликан ансамбл од XIV век на македонската територија и е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва и ремек дело на дворскиот стил кој што бил карактеристичен за епохата на Палеолозите.