Увозното свинско месо го потцени домашното, тврдат производителите


Македонските производители на свинско месо даваат условена поддршка мерката за ослободување од  царина на одредени суровини за производство на месни производи да продолжи и наредните шест месеци. Тие бараат да се зголеми заштитата на домашните производители  и на потрошувачите. Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци и на групацијата на производители на месо во земјава, Ефтим Шаклев вели дека барањата ги доставиле до Владата зашто неколку македонски фирми ја злоупотребуваат оваа мерка на штета на домашните производители на месо.

„Некои од преработувачите не земаат девизи од извозот на своите производи, туку прaват компензации и купуваат свежо свинско месо, што нас навистина не погодува, придонесува да ни се намали цената а со тоа и да ни се намали производството. Ние заради одржување на континуитето на производството мора да ги намалиме цените. Имаме најниски цени на свинското месо во последните три до четири години“, вели Шаклев.

Тој забележува дека заради ваквите злоупотреби некои прават профит, а други во овој случај домашните производители на месо трпат штети и едвај егзистираат и ги одржуваат своите фарми. Затоа, како што потенцира Шаклев пред да се донесе одлуката за продолжување на мерката за месната индустрија за наредните шест месеци Владата треба да ги разгледа и нивните барања.

„Ние ја молиме Владата да ги разгледа нашите барања, бидејќи мислиме дека се оправдани и воопшто нема да биде погодена месната индустрија. Како прво да нема компензација за свежо свинско месо, што ни пречи. Второ што го бараме постојано да се води контрола на свежото свинско месо во продажба, да не е претходно замрзнато. Ние имаме информација дека инспекторите сега тоа можат да го прават. Бараме и во угостителските објекти да се декларира какво е месото, замрзнато или свежо“, објаснува Шаклев.

Групацијата бара и во супермаркетите физички да се оддели увозното од македонското месо. На тој начин потрошувачите ќе знаат какво месо купуваат. Доколку се усвојат барањата на домашните производители на свинско месо, во тој случај тие како групација без двоумење ќе ја поддржат и мерката за ослободување од царина на одредени суровини за месната индустрија да продолжи и во наредните шест месеци. Сметаат дека ефектите за зголемување на производството и на извозот на месни производи е добро, но бараат и заштита на македонското производство на свинско месо.