„Убавицата и ѕверот“ – 20 години на репертоарот на ТДМ
Театарот за деца и младинци вечер во 19.30 часот свечено ќе одбележи 20 години активно играње на „Убавицата и ѕверот“ – рекордно најиграна претстава во Македонија. На прославата ќе биде поставена ретроспективна изложба за оваа претстава и за 20-те години од вселувањето на ансамблот во сегашниот простор.
– Од премиерата на 6 февруари 1998 година, „Убавицата и ѕверот“ цели 20 години е на тековниот репертоар на театарот. Наскоро ќе ја доживее својата 350-та изведба, а со тоа ќе го постави рекородот на најиграна претстава во Македонија, соопшти Тетараот за деца и младинци.
Оваа претстава се играше и на многу други сцени во Македонија, но и на престижни меѓународни фестивали. Ги има освоено наградите за најдобри костими изработени од Александар Ношпал, како и награда за најдобро актерско остварување за актерката Тања Кочовска на фестивал во Суботица.