„Убавицата и ѕверот“ е рекордно најиграна претстава
Претставата „Убавицата и ѕверот“ во режија на Димитар Христов е најиграната претстава во Македонија и наскоро ќе ја доживее својата 350та изведба. Премиерната изведба се случи пред 20 години, кога Театарот за деца и младинци се вселуваше во сегашниот простор. Прославата по овие два поводи ќе се одржи во вторник, (6 февруари), а ќе биде поставена и ретроспективна изложба за претставата.
„Убавицата и ѕверот“ се играше и на многу други сцени во нашата земја, но и на престижни меѓународни фестивали во странство. Ги има освоено наградите за најдобри костими изработени од Александар Ношпал, но и награда за најдобро актерско остварување за нашата Тања Кочовска на големиот меѓународен фестивал за детски претстави во Суботица.
„Претставата денес ја доживува најубавата награда од публиката – искрената смеа и силниот аплауз по секое нејзино завршување во овој наш мал но значаен простор. Оттогаш па до денес „Театар за деца и младинци“ создава бајки за деца и приказни за младите луѓе. Во него живее светот што ја сака детската имагинација, имагинацијата воопшто. Тоа е светот што ја слави идејата за детски насмевки, палави приказни, необични ликови и младинска жар“, велат од ТДМ.
Претстави одиграни над 200 пати
На сцената на овој театар има претстави кои доживеале долг век и некои од нив сè уште се играат. Претставата „Зрното грашок и принцезата“ е изиграна 237 пати, „Снежана и седумтте џуџиња“ – 237 пати. „Македонска приказна“ има најголем број на гостувања на меѓународните фестивали. Претставата донесе дури три гран при награди, две награди за колективна актерска игра, актерска награда за Татјана Павловска Кочовска, награда за режија за Боњо Лунгов и награда за музика за Драган Даутовски.
„Секоја претстава, што се правела во овој театар, е направена со ентузијазам, пожртвуваност и љубов. И секоја нова претстава ќе се прави така“, велат од театарот.
Новотни и Лазовски слават 25 години на сцената
Овој месец во ТДМ ќе се слават уште два јубиели, а тоа се 25 години на сцената за актерите Изабела Новотни и Владимир Лазовски.
„Ансамблот, актерите, раководството, воопшто театарски дејци на ТДМ без престан носат идеи и ги разменуваат со нашите соработници однадвор. Тие се жедни за уште идеи, жедни да ги превртат старите приказни и бајки и повторно да ги обмислат со современ пристап и ритам. Тие се неуморни. Ете доказ за тоа е прекрасниот јубилеј што овој месец го слават нашите реномирани актери Изабела Новотни и Владимир Лазовски“, велат од театарот.
И.Н.