Трифун Костовски ќе пее песни на Копров на шоуто на „Охрид фест 2018“
Поранешниот скопски градоначалник, бизнисменот Трифун Костовски (71), во рамките на поп -вечерта , додека жиријата гласаат, ќе има свое шоу на годинешниот „Охрид фест“,како голем љубител и подржувач на музиката и на фестивалот. Фестивалот трае три дена-6,7 и 8 септември.
-Станува збор за пет мои, досега необјавени песни што од јануари ги снимивме со Трифун. Станува збор за балади, негов заштитен знак, ни изјави Григор Копров, композитор и уметнички директор на „Охрид-фест-Охридски трубадури 2018“.
Костовски, претходно, најави дека ѝ се враќа на музиката , со нов албум кој се очекува есенва. Албумот се снима во музичкото студио на Александар Митевски, негов соработник и пријател.
-Ја сакам музиката и ја разбирам.Новиот албум ќе содржи од шест до осум песни со музика која ми лежи и која ќе ја интерпретирам на мој, специфичен начин.Претежно ќе бидат балади во комбинација со рецитал, ни изјави Костовски.
Бизнисменот кој во текот на животот ги подржуваше македонскиот спорт, и култура и имаше политички амбиции, секогаш истакнуваше дека музиката му е хоби и задоволство, а македонската јавност сѐ уште со воодушевување го потпевнува неговиот хит „Срце тетовирано“.
„ Пропеав на 50 години, и не ми беше лесно да го направам тој чекор. Музиката е нешто посилно од мене.Од семејството и пријателите ја имам сета поддршка, очекувам и на публиката да и се допаднат новите песни, зашто ги пеам од душа, вели Костовски. (Л.С.)