Трифун Костовски, бизнисмен: Виенскиот бал го носи авангардниот дух во Скопје


Вечерва Скопје ќе биде Виена. Се одржува традиционалниот Виенски бал од лани, ставен и на светската мапа на виенски балови. Скопје 19. пат ќе биде дел од австриската балска култура во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус“ и под покровителство на Амбасадата на Република Австрија во Македонија. Годинава дел од средствата од влезниците ќе бидат наменети за граѓанска организација на лица со и без хендикеп „Полио плус“.

Без бизнисменот Трифун Костовски и неговото семејство, еден од иницијаторите за одржување на елитниот настан, не почнува Виенскиот бал, традиционално во хотелот „Александар палас“. Седат на една од главните маси, секогаш елегантни и дотерани по протокол. Сите нивни пријатели и познајници стануваат да се поздрават со нив, а во текот на вечерта сакаат и да помуабетат.

Колку години сте присутен на Виенскиот бал во Скопје и во кое својство?

– На Виенскиот бал во Скопје присутен сум од самиот почеток и заедно со Амбасадата на Австрија во Скопје бев иницијатор за организирање на овој традиционален настан.

Што за вас значи Виенскиот бал?

– Убава историја за убавите нешта кои го чинат животот на човекот да биде побогат и подостоинствен, да учиме од историјата за убавите нешта.

Дали и годинава ќе присуствувате на балот?

– За жал, оваа година не сум во Скопје за време на одржувањето на балот, но секако моето семејство ќе биде дел од овој настан.

Колку години живеевте во Виена?

– Практично и денеска живеам во Виена, и покрај тоа што поголем дел од времето го поминувам во Скопје. Да се живее во Виена и да се почувствува животот во Виена сепак е привилегија која јас ја доживеав. Посакувам многу мои сограѓани да ја споделат оваа моја привилегија пренесена во Скопје.Кога се зборува за Виенскиот бал, тогаш мислиме на она што е авангардно во еден модерен свет, модерен живот каде што владее мир.

Скопската елита има шанса една вечер, облечена во смокинг и вечерна тоалета, да го живее стилот на Виена – со захер-торта, шампањ, виенска шницла и да изигра валцер на музиката на Штраус. Каква е атмосферата во Виена? Дали ја имавте привилегијата да бидете дел од балот во Виена?

– За жал, не сум бил на ниеден од организираните балови во Виена, меѓутоа тој факт не ме чини инфериорен истиот дух да го доживеам тука во Скопје со сите убавини што ги нудат храната, музиката и пијалаците.

Лејла Сабит