„Трите билборда надвор од Ебинг, Мисури” победник на БАФТА наградите
Англија- Црната комедија „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури ” на режисерот Мартин Мекдона е прогласен за најдобар филм од Британската академија за филмски и телевизиски уметности (БАФТА), на манифестацијата што се одржа синоќа во „Ројал Алберт Хол“ во Лондон.
Филмот за обесправената мајка што се бори со неправдата и нееднаквоста, „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури ” од девет номинации доби вкупно пет награди, меѓу кои и за најдобра главна женска улога – Френсис Мекдорманд и најдобра машка споредна улога – Сем Роквел.
Гери Олдман беше удостоен со наградата за најдобра машка главна улога, за толкувањето на ликот на Винстон Черчил во филмот „Најмрачниот час”.
Филмот исто така имаше девет номинации, додека „Блејд Ранер 2049“ и „Данкирк“ имаа по осум.
На Мексиканецот Гиљермо дел Торо му беше доделена наградата за најдобар режисер за филмот „Обликот на водата”.
На црвениот килим се најдоа многу претставнички на седмата уметност, меѓу кои и Анџелина Џоли и Џенифер Лоренс, кои беа облечени во црно, во знак на солидарност со жртвите на сексуално злоставување, вознемирување и дискриминација.
Почесни гости беа принцот Вилијам и неговата сопруга, војвотката од Кембриџ, Кетрин.
Филмот има седум номинации за „Оскар“.