Трета среќа за Клинички центар: И нов ќе се гради и стариот ќе се крпи


Ќе се прават улици низ скопската населба Бардовци како подготовка за новиот клинички центар, но ќе се реновираат и некои од постојните клиники во сегашна државна болница. Така паралелно ќе се „турка“ да функционира најголемата здравствена установа во државата, додека да се изгради новиот и модерен медицински град, кој во петокот го најави министерот за здравство Венко Филипче.

По неколкумесечните дилеми, Владата пресече – нов клинички центар ќе се гради во непосредна близина на Психијатриската болница во Бардовци, општина Карпош, на речиси шест километри подалеку од сегашната локација и на четири пати поголема површина. Но, ако за подготовка на градежните работи се потребни околу две години, и ако изградбата би траела околу пет години, како ќе се лекуваат луѓето во тие седум години, со сегашниот сообраќаен и секаков друг хаос во Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“?

– Ќе преземеме градежни активности само таму каде што навистина треба, каде што објектите се во навистина лоша, катастрофална ситуација. Нема да преземеме големи инвестиции секако, сѐ додека не видиме дека можеби текот на процесот на лекување на пациентите е загрозен – вели Филипче.

Во најмалку пет клиники ќе има мали корекции или реновирања за да им се овозможат подобри услови на пациентите и на медицинскиот персонал. Изготвено е сообраќајно решение за проток на возила за да се интервенира на влезот во сегашна државна болница, каде што се прават најголемите редици и на излезите од комплексот. Предвиден е посебен влез за Брзата помош, која сега и со итни случаи влегува на истата рампа со сите останати возила, без да има приоритет. На местото на старата зграда на Клиниката за гинекологија ќе се постави катна гаража за времено да се реши проблемот со паркирањето.

– Катната гаража секако ќе биде приоритет бидејќи во овој момент хаосот е огромен. Мислам дека најдобра опција е монтажна гаража која може да го покрие овој капацитет на возила кој ќе циркулираат. Мислам дека тоа е најдобро решение затоа што е најбрза, од друга страна бесцелно е да правиме цврста градба – појасни министерот за здравство. Наскоро треба да биде решено и спојувањето на скопските клиники кои ќе функционираат со еден директор како пред 2007 година.

Изградбата на новиот современ клинички центар, со Медицински факултет, истражувачки центар и кампус за сместување студенти би чинела околу 420 милиони евра. Владата веќе преговара со кредитори и наскоро ќе се знае како тоа ќе се финансира. Одлуката на Владата ја поздравија Асоцијацијата на архитекти на Македонија, како и Лекарската, Стоматолошката и Фармацевтската комора. Во минатите две децении, ова е трета најава дека ќе се дислоцира Клинички центар. Во 2010 година дислокација најави тогашниот министер за здравство Бујар Османи, и тоа на истата локација каде што и сега се предлага. Потоа, во мај минатата година, Никола Тодоров како технички министер за здравство потпиша договор со италијанската „ИНСО системи“ за изградба на нов клинички центар во кругот на постојниот. Тоа е договорот што сегашната влада го раскинува.

С.С.З.

Улицата „Словенечка“ ќе стане булевар

Општина Карпош и Град Скопје работат на подготовка на теренот за да се овозможи подобар сообраќаен пристап до новиот клинички центар. Планиран е нов пристапен пат кој ќе води од Карпош директно до клиничкиот центар. Се планира да се пробие уште една друга улица, а тоа е продолжение на улицата „Словенечка“ која ќе стане булевар, ќе продолжи во правец на населбата Ѓорче Петров и ќе поминува точно покрај местото каде што ќе се смести новиот медицински кампус.