Тоа е плата: 5.000 банкари заработуваат по милион евра годишно


Бројот на банкари во Европската унија со заработка преку милион евра годишно порасна на речиси 5.000, дури и откако регулаторите им го ограничија бонусот.
Според податоците на Европската агенција за надзор на банки  (EBA), во 2017 година повеќе од милион евра годишно заработувале  4.859 банкари во однос на 4.597 банкари една година порано, пренесува Ројтерс.
Повеќето од нив се наоѓаат во Британија, вкупно 3.567 или дури 73,3 отсто, што е за 38 отсто повеќе од 2016 година. Во Германија се регистрирани 390 банкари со толку високи примања, во Италија 201, во Франција 233, а во Шпанија 161.
Но, бидејќи Британија кон крајот на овој месец треба да излезе од европскиот блок, некои високо платени банкари веројатно ќе се преселат од Лондон во нови финансиски центри на Стариот континент, оценува британската агенција.
откако даночните обврзници ги спасија кредиторите во текот на финансиската криза пред десет години, ЕУ во 2014 година воведе ограничување на бонусите, што значи дека не може да бидат поголеми од основната плата, а само ако акционерите одобрат може да бидат двојно поголеми.