Тевдовски простум го слушаше Димовски за персоналецот


Министерот за финансии Драган Тевдовски простум го слушаше опозицискиот пратеник Илија Димовски на Комисијата за финансирање и буџет, додека објаснуваше зошто треба да се прифати амандманот со кој и плаќањата за доброволното здравствено осигурување треба да бидат ослободени од персоналец.

„Ако може министерот да ме дослуша“, побара Димовски откако Тевдовски, велејќи дека брза на Влада, тргна да излезе од собраниската сала каде што се одвиваше расправата по амандманот поднесен од неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ на законот за личен доход, кој се носи по скратена постапка.

Димовски аргументираше дека целиот закон ќе биде една голема катастрофа и дека за 2-3 години комплетно ќе се бришат сите овие одредби за воведување нови правила во даночната политика, затоа што не се базирани ни на левичарска ни на десничарка идеологија, туку на тенденција на СДСМ да го исполни тоа што го вети и сега склепува нешто што личи на „левичарење“.

„Кажуваат дека ќе ги оданочуваат богатите, а всушност на овој начин го кријат богатството на богатите и не го оданочуваат, туку ги оданочуваат приходите на успешните, и тоа во енормно мала бројка, не повеќе од 4.500-5.000 луѓе, најчесто кои работат високодоходовни индустриско-технолошки дејности и главно млади луѓе кои сè уште немаат акумулирано богатство. Овој данок ќе удри на помладите успешни луѓе во Македонија, а воопшто нема да ги чепне богатите“, рече Димовски додавајќи дека со амандманот се предлага да се ослободат од персоналец оние лица кои, покрај во редовното задолжително здравствено осигурување, ќе плаќаат и приватно здравствено осигурување.

Нема трошок за јавниот здравствен фонд, а од друга страна ќе има заштеда, објасни Димовски. „Кога имаат приватно здравствено осигурување, тенденцијата е дека ќе користат здравствени услуги од приватни установи, што значи поголем дел од учество на приватно здравствено осигурување значи помало учество на државниот здравствен фонд. Тој ќе може, во тој случај, да се користи за посиромашните граѓани поекстензивно. Пред неколку дена почина пациент оти немало лекови“, укажа Димовски велејќи дека е неразбирливо зошто не се прифаќа ваков амандман ако навистина е целта да се помогне на посиромашните.

Министерот Тевдовски, одговарајќи зошто не го прифаќа амандманот, рече дека е израз на апсолутно десничарска филозофија.

„Вие се борите за приватното здравство бидејќи сакате да создадете механизам кој ќе однесе повеќе луѓе во приватните болници. Вие премолчувате дека тоа ќе значи намлени буџетски приходи. Вакво законско решение постои во Албанија и во Хрватска, земји кои ни се слични. Јас сметам дека не сум богат, но ако бидам на факултет, ако влезам во тој еден процент богати на кои ќе се однесува прогресивното оданочување, да, сметам дека треба да плаќам повисок данок“, одговори Тевдовски.

А вчерашната седница на Комисијата за финансирање и буџет почна со повеќе од еден час задоцнување затоа што се чекаа амандманите кои произлегоа од јавната расправа по предлог-законот. Прифатен е амандман со кој нема да се даночат надоместоците на трошоци за настани од здруженија на граѓани, без разлика колку ќе траат. Второ, зголемен е износот за платената пракса кој е ослободен од оданочување, од 6.000 на 8.000 со намера да се стимулираат повисоки надоместоци за пракса. За овој амандман и опозицијата имаше своја верзија – да има ослободување на надоместокот што ќе го добиваат студентите и учениците до ниво на минимална плата.

Младинските организации побараа во законот да се појасни дека не се плаќа данок и на надоместоците за школарина, превоз и исхрана, што исто така беше прифатено. Беа прифатени и четири други амандмани кои се однесуваат на подобрувања и појаснувања на текстот на законот.

Од вкупно 22 поднесени амандмани, беа прифатени осум. Прифатени беа амандмани од граѓанските организации, Стопанската комора на Македонија, Организацијата на работодавачи на Македонија и од Занаетчиската комора.

Владата го брани новиот закон како воведување поправеден систем на оданочување на доходот на граѓаните, преку предложеното прогресивно оданочување на доходот од работа, доходот од авторски права, доходот од самостојна дејност и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи. Покрај даночната стапка од 10 проценти, се предлага воведување стапка од 18 проценти која ќе се пресметува на приходи над 90.000 денари месечно.

Анита Салтировска