Тевдовски: Немаме значителни разлики со НБРМ за забрзување на растот во 2019 и 2020


Народната банка на Република Македонија е кредибилна и независна институција чии проекции не би сакал да ги коментирам, но важно е што немаме значителни разлики во позитивните проекции за забрзување на растот во 2019 и 2020 година, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски  одговарајќи на новинарски прашања во однос на надолната ревизија на проекцијата за растот за годинава на 2,3 проценти, што ја објави вчера Народната банка на РМ.

-За годинава со ребалансот на Буџетот Министерството за финансии ја намали проекцијата за економскиот раст на 2,8 проценти, но  и други институции се блиски до нас како што е Светска банка која има проекција од 2,5 проценти раст. Ако ја гледаме во детали проекцијата на НБРМ тие сметаат дека негативниот прилив на инвестициите ќе продолжи оваа година, а во 2019  и 2020 година ќе биде позитивен и значаен, рече Тевдовски.

Според Тевдовски, реализацијата на автопатот Кичево-Охрид е во насока на забрзување на инвестиците годинава, но клучно е што двигател на растот годинава е приватниот сектор. – За мене е клучно што и овие проекции од 2,3 проценти и од 2,8 проценти зборуваат дека во Македонија може да се оствари економски раст којшто е движен од приватниот сектор, бидејќи во изминатата декада апсолутно растот беше движен од неефикасни проекти од државна интервенција, како споменици, жални врби и фасади. Сега покажуваме дека може да биде поинаку и оти има амбиент во којшто приватниот сектор може да обезбедува раст со активирање вакви проекти кои ќе значат поддршка на економијата, рече Тевдовски.