Театрален концерт на „Лајбах“ во Скопје


Авангардниот словенечки бенд „Лајбах“ завчеравечер ја исполни до последно место Дансинг салата во Младинскиот културен центар во Скопје. Овој настан беше во рамките на одбележување на 20 години од фестивалот „Таксират“, а бендот го промовираше својот последен албум „Also Sprach Zarathustra“ издаден минатата година.

Музиката на овој албум е подготвена за потребите на театарската претстава со исто име која режисерот Матјаж Бергер ја постави во театарот во Ново Место во Словенија. Темата на претставата, како и музиката што ја создаде „Лајбах“ на овој албум, е инспирирана од извадоци од новелата „Така зборуваше Заратустра“ на Фридрих Ниче. Текстовите за кои се грижи фронтменот на бендот, Милан Фрас, се автентично пренесени онака како што Ниче ги запишувал на германски јазик.

Овој словенечки бенд е препознатлив по своите теататрални настапи, а неколкупати и македонската публика досега имаше шанса да ги слуша во живо. Она што го издвојува настапот во МКЦ од претходните нивни концерти во земјава е поинтимната атмосфера што ја донесе самата сала и поставената сценографија.

Преку проѕирни платна распоредени низ Дансинг салата на кои се прикажуваа визуелни приказни дополнително ја внесуваа публиката во театралноста, па на моменти изгледаше како самите посетители да се дел од нивниот перформанс.

Карактеристичниот вокал на Милан и силната боја на гласот на Мина Шпилер ја заокружуваа целата драматизација на филозофијата на Ниче. Целокупниот настап, поставеноста и посветеноста на сите членови на бендот повеќе наликуваа на театарска претстава придружена со многу моќна музика.

Преку нивната изведба ги доловуваат сите емоции од љубов до гнев, од приспивна мелодија до интензивна звук. На моменти слушате дожд од музика, на моменти како сонце да ве огреало. Со секоја следна песна се распрскува целата сцена, но сепак е една целина.

Суптилната комуникација со публиката и обраќањето кон неа со гласовни пораки секогаш им успеваа на „Лајбах“. Ниту овој пат тие не заборавија да се пошегуваат на сметка на нерешеното прашање меѓу Македонија и Грција, или барем оставаат таков впечаток со обраќањето „Добровечер Атина, драго ни е што сме вечерва тука“. Оваа реченица ја практикуваа и во минатото на некои од концертите во Скопје, и секогаш предизвикува збунета насмевка кај публиката.

Концертот го започнаа со последната нумера од последниот албум „Von den drei Verwandlungen“, а потоа ги свиреа и „Die Unschuld II“, „Ein Verkundiger“, „Das Gluck“, „Von Gipfel zu Gipfel“. Во втората половина од нивниот концерт свиреа и песни кои веќе македонската публика добро ги знае, како „Europe“, „Bossanova“, „Brat Moj“, „Ti, Ki Izzivas“ и преработката на „Life is life“ од австриската група „Опус“.

Интересно е да се забележи дека на барање на бендот беше забрането да снима и фотографира, но тоа секако не се реализираше во целост поради навиката на публиката постојано сѐ да документира со мобилните телефони. Во неколку наврати опоменуваше и обезбедување дека желбата на бендот е да не се снима настапот.

Членовите „Лајбах“ уште еднаш покажаа дека нивните концерти секогаш се доживуваат поразлично од претходниот пат и затоа секоја секунда помината пред сцената на која свират вреди многу.

Ивана Настеска
Фото-архива:Борис Грданоски