Тачи: Приштина, за разлика од Белград, секогаш подготвена за политички договор


Претседателот на Косово Хашим Тачи денеска изјави дека Приштина, и политичкото раководство на Косово, за разлика од Белград, секогаш биле подготвени за политички договор со кој би се ставило крај на политичкото и историско непријателство меѓу Србија и Косово подолго од еден век.

– Во сите меѓународни процеси кои тежнееја кон решавање на косовското прашање, Приштина беше подготвена на договор со Србија. Минаа 20 цели години од војната за ослободување, 19 од Мировната конференција во рамбуе, 10 години од прогласувањето независност на Косово, седум години од почетокот на разговорите во Брисел, а односите меѓу Косово и Србија се уште не се политички затворени, изјави Тачи.

На конференцијата „Сценарио за големо финале на Косово и Србија“, во организација на институтот РИДЕА, Тачи истакна дека во решавањето на односите меѓу Србија и Косово се згаубени десетици години и тоа не по вина на Приштина.

Тој оцени дека се изгубени многу добри можности поради „недостигот на политичка волја на раководството на Србија да стави крај на политичкото и историското непријателство меѓу Косово и Србија, постаро од еден век“.

– Бевме подготвени на голем историски договор со Србија и во тешките воени години, и во годините на мир и изградба на демократијата во Косово, и во годините кога станавме држава, истакна Тачи.