Тачи: Никој не треба да се плаши од Војската на Косово
Претседателот на Косово, Хашим Тачи пред денешната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, на која ќе се расправа за трансформацијата на Безбедносните сили на Косово (ФСК), порача дека таа воена сила не претставува закана и не треба никого да плаши.
– Ќе учествувам денеска на една итна седница свикана за Косово. Вистината треба да се каже, трансформацијата на Безбедносните сили на Косово не е повод за стравување, туку за славење. Посветеноста на Косово е да имаме мултиетнички институции. Нашиот фокус сега е на дијалогот и за место на Косово во ОН, напиша Тачи на Твитер.
Вчера, пред заминувањето за Њујорк, Тачи изјави дека и изгласувањето на вонредна седница на косовското Собрание на резолуцијата за дијалогот со Србија претставува чекор напред кон нормализирањето на односите меѓу Приштина и Белград.
– И во оваа фаза имам верба дека со одлуката на Собранието ќе постигнеме успех и ќе го затвориме темното поглавје на српскиот геноцид во Косово. Вчера беше и гласањето во Собранието на Косово, од пратениците од власта и опозицијата, за резолуција за формирање сеопфатен тим, со што се создаде простор и за граѓанското општество. Овој дијалог ќе биде финален, со можност за конечен договор, со меѓусебно признавање, изјави Тачи.