Татко на 70 години: Познатите актери Бојан и Горан ќе добијат брат или сестра
Претприемачот Златко Навојец, татко на познатите хрватски актери Горан и Бојан Навојец, на свои 70 години ќе стане повторно татко.
Тој за хрватските медиуми ја потврдил веста дека неговата сопруга Рајка (49) е во поодмината бременост. За хрватски „Јутарњи лист“, Златко објаснува дека се навистина среќни што тој и Рајка ќе станат родители, бидејќи долго време настојувале на тоа.
– Тоа не беше инцидентна одлука, ние долго време планиравме да станеме родители. Нашата фамилија е запознаена со ова веќе подолго време. Сè уште не знаеме дали ќе добиеме ќерка или син, тоа ќе ни го кажат на следниот лекарски преглед, а приновата ја очекуваме во јули – вели идниот татко.
Тој вели дека сите околности се разговарани и тоа дека поминато е долго време откако дома имал новороденче. Неговите синови од бракот со првата сопруга Мира, Горан и Бојан, имаат повеќе од 40 години, односно Горан има 47, а Бојан 41 година.
Интересно е што Златко и Рајка се запознале преку неговата поранешна жена Мира, бидејќи Рајка и Мира се роднини.
Актерите синови, пак, не сакаат да ја коментираат одлуката на својот татко третпат да стане родител.
Златко е добро познат за хрватската јавност и важи за еден од оние луѓе кои сите ги посакуваат да им бидат пријатели. Со претприемништво започнал да се занимава во 1972 година кога отворил автомеханичарска работилница, која работела до почетокот на деведесеттите годни. Потоа, започнал да се занимава со трговија и ја основал компанијата „Шпар“, како своја прва трговска фирма во прехранбената индустрија.
Славни татковци по 50-тата година
Можеби за нашиот регион е малку чудно во поодминати години да се стане родител, но тоа во светот, особено меѓу јавните личности, е многу често. Некои од најголемите заводници во Холивуд станаа татковци и по педесеттата година од животот. На листата се Мел Гибсон, Џек Николсон, Џорџ Клуни. Џорџ Клуни првпат стана татко на 56 години. Во текот на бременоста на Амал велел дека инспирација му е францускиот актер Жан Пол Белмондо кој станал татко на 70 години. Хју Грант го доби првото дете на 51 година. Тој има четири деца, сите родени во последниве пет години. Стив Мартин денес има 72 години. Првпат станал татко на 68 години, кога му се родила ќерка.
Џон Траволта (63) го добил синот Бенџамин кога имал 56 години. Тој има и 16-годишна ќерка. И Мајкл Даглас имал 56 години кога Кетрин Зета Џонс го родила нивниот син Дилан. Денес има 73 години. Џек Николсон (80) го добил синот Рејмонд кога имал 55 години. Актерот има и три ќерки. Мел Гибсон стана татко деветти пат на 62 години, во февруари минатата година.
Алек Болдвин има четири деца. Првата ќерка му се родила кога имал 37 години, а последното дете, синот Леонард, го доби лани, на 58 години. Легендата на рок-музиката, Мик Џегер, во ноември 2016 година го доби осмото дете. Уште еден син на Мик Џегер (75) му роди балерината Мелани Хамрик (31).