Тасевски и ВМРО-ДПМНЕ во војна за театарот


Директорот на Драмскиот театар во Скопје, Сашо Тасевски и ВМРО-ДПМНЕ влегоа во војна поради прокиснувањето на објектот при викенд-дождот во главниот град на Македонија.

„Не тропајте зелени, душмани мои. Скапаниот кров на ‘Драмски’ ми е наследен и не можам на своја рака да викнам фирма да го поправа… Треба дозвола од министерство, пари и отворање тендер. Уште во ноември минатата година алармирав, пуштив барање за санација со комплетна процена на штетата. Барањето е одобрено од Министерството за култура, но санацијата е предвидена дури оваа година зашто претходно патриотите со Бети и Груевски направиле бришка во Министерството за култура. Украле се што може да се украде. Тоа е вистината. И нов театар секако ќе се гради ама не криминално како новиот стар МНТ за да протече по две години и да се поплавува на секој посилен дожд. Пак сега јадете гурабии“, напиша Тасевски на својот фејсбук профил.

Реакција на ВМРО-ДПМНЕ:

„Во Драмскииот театар тече вода кога има дожд уште од раните 1990-ти години до сега од причина што се наоѓа во стари дотраени бараки. Во време на ВМРО-ДПМНЕ , овој театар еднаш веќе беше реновиран, но станува збор за објект кој кога е граден бил замислен да биде од времен карактер. За разлика од сите други влади, вклучувајќи ја и владата и партијата СДСМ која го назначи за ВД директор, владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски и Елизабета Канческа Милеска како министер за култура:

  1. Подготви идеен а потоа и главен проект за изградба на нов, модерен театар од цврста градба, на местото на старите одамна дотраени бараки на Драмски театар.
  2. Обезбеди пари во буџетот за 2017та за почеток на градба
  3. Објави оглас за изведувач
  4. Избра изведувач и се чекаше да заврши сезоната на театарот (мај), и во јуни 2017та да почне градбата на новиот театар
  5. Обезбеди место каде во меѓувреме Драмскиот театар ќе ги одржува преставите додека не заврши градбата на новиот театар
  6. Ги издржа и се справуваше со бесмилените протести на дел од вработените во Драмски кои бараа да не се гради нов објект бидејќи биле навикнати на ,,духот и миризбата“ на постоечкиот. Случајно тоа беа актери кои „сосема случајно“ се јавни поддржувачи на СДСМ и на Шарените револуционери.

Веднаш откако на 1. јуни 2017, власта ја презеде СДСМ на чело со Заев, Алаѓозовски и Сашо Тасевски во Драмски, се направи ребаланс со кој парите предвидени за нова зграда на Драмски театар, ги избришаа во буџетот за 2017. и не предвидоа пари барем за реновирање на стариот, а и во буџетот за 2018та не предвидоа пари за нов театар ниту за реновирање на стариот. Како и да е проектот стои, па можеби како и за Клинички центар по година-две, СДСМ ќе го смени своето мислење. Ако почнеше лани во јуни да се гради, новиот театар ќе беше готов во првата половина на следната 2019 година“, возвратија од најголемата опозициска партија.