Тага, солзи и шок во Лестер: Газдата на Лестер загина во пад на хеликоптер


Црните наводи од саботата вечер, се потврдија во текот на вчерашниот ден. Газдата на Лестер Вичај Шриваданапраба го загуби животот во стравичниот пад на неговиор приватен хеликоптер по ремито (1:1) со Вест Хем во англиската Премиерлига, потврди британски „Скај Спорт“. Несреќата се случи во саботата во непосредна близина на стадионот „Кинг Пауер“ околу 21.30 часот и не беше познато дали тајландскиот милијардер бил меѓу патниците во леталото. Но, вчера медиумите во Англија објавија дека меѓу загинатите бил сопственикот на клубот, една од неговите ќерки, двајца пилоти и лице чиј идентитет остана непознат во текот на денот.

Хеликоптерот би превозно средство на Шриваданапраба за секој натпревар на Лестер на „Кинг Пауер“ и за назад во Лондон. Засега, неофицијално, како причина за несреќата се споменува проблем со моторот. По трагедијата, пред стадионот постојано се присутни навивачи на „лисиците“ кои положуваат цвеќиња, палат свеќи и реквизити со клупски обележја во знак на почит кон трагично загинатите во хеликоптерската несреќа.
Тајландскиот бизнизмен го купи Лестер во 2010 година за 33 милиони евра и набрзо стана омилен лик во градот поради успешниот проект со кој ги врати „лисиците“ во Премиерлигата во 2014 година. Две години подоцна беа и сензационални освојувачи на шампионската титула. Според магазинот „Форбс“, Шриваданапраба е петти најбогат човек на Тајланд и неговото богатство се проценува на 4,9 милијарди долари, а во 2017 година го купи и белгискиот лигаш Лојвен.

Шриваданапраба – човек со големо срце и длабок џеб

Вичај Шриваданапраба е роден во Бангкок на Тајланд во 1958 година. Беше еден од тајландските милијардери што стекна богатство како светски реномиран бизнисмен. Ја основаше и раководеше со корпорацијата „Кинг Пауер Дјути Фри“ и на листата на магазинот „Форбс“ го држеше седмото место по вредност на имот (4,9 милијарди долари) во неговата земја.
Пред осум години реши да влезе во фудбалот. Изборот за вложување на дел од неговиот капитал падна на Лестер чиј газда официјално стана во февруари во 2011 година и за свој заменик го назначи синот Ајават. Направија проект, ангажираа фудбалери, организациски и финансиски го заздравија клубот и на голем успех не чекаа долго време.
Во сезоната 2015/16 „лисиците“ ја поразија конкуренцијата и ја освоија првата шампионска титула во Премиерлигата во клупската историја. За нивниот успех во страшно силната фудбалска конкуренција на Островот се пишуваше како „приказна од бајките“ бидејќи од улога на аутсајдер, Лестер се вивна во фудбалските височини пред гиганти какви се Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Арсенал, Челзи, Тотенхем, итн.
Шриваданапраба беше познат како човек со големо срце и длабок џеб и за сето она што го стори со клубот набрзо стана најомилена личност во градот. За освоената Премиерлига ги даруваше фудбалерите со автомобили, а во 2017 година се рашири фудбалски, па реши да го купи и белгиски Лојвен.
Своите родендени на 4 април ги прославуваше со бесплатна храна и пијалок за сите на стадионот „Кинг Пауер“, гест што го практикуваше и при прослава на големите празници.