Сузана Турунџиева пред нов професионален предизвик: Продолжувам како амбасадор


Животот ѝ приреди многу непријатни изненадувања. Ѝ донесе многубројни неправди, ѝ одзеде предвреме многу драги луѓе. Како автор, го стави сопствениот живот на тацна. И после 31 година живот во Скопје, сѐ уште се чувствува како битолчанка.

Ова е новата Сузана Турунџиева (49). Стокмена во деловен костум. Секое утро кога се буди е благодарна што добива уште еден цел ден на подарок, задоволна и преблагодарна што е мајка на две здрави прави деца – Лора (18) и Матеа (9) и што сѐ уште има бистар ум.

Сега, кога сцената е речиси зад неа, се ослободува од сѐ што е вишок во нејзиниот живот: вишок гардероба, обувки, вишок предмети потпикнати по некои фиоки и плакари, вишок шминка, а особено умешно се ослободува од вишок луѓе, кои ја бараат само кога имаат потреба од неа.

Згодна, со насмевка, ексклузивно за „Независен весник“, позираше во центарот на Скопје.

Важиш за смирена и сталожена личност, ама очигледно со немирен дух кој постојано бара предизвици. Покрај класичната музика, со која ја почна твојата плодна кариера, продолжи со естрадното пеење, беше професор по соло-пеење и камерна музика во Средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“, а потоа продолжи и во телевизиските води и како водител… Кој е твојот најнов професионален предизвик?

На изненадување и неверување на многумина, во последниве неколку месеци со огромна љубов и посветеност почнав да навлегувам во тајните на часовничарството. И тоа не на кои било, туку на швајцарските часовници, кои единствено се продаваат во „Божиновски часовници и накит“. Ја имав честа да ми биде понудена една многу специфична и одговорна улога на амбасадор за грижа со ВИП-клиенти, за која беше (и сѐ уште е) потребно многу работа, учење, читање, усовршување и подготовка за реализација на целите и задачите што ми претстојат. Имајќи предвид дека нашите клиенти се пасионирани љубители на часовници (истовремено и добро информирани во областа на часовничарството), кои многу често се и колекционери на истите, речиси и да не постои можност за импровизација или за делумно познавање на техничките карактеристики на часовниците. Затоа во ова ново поглавје од мојот живот влегов стопроцентно, безусловно, со максимална желба да научам сѐ и да дадам сѐ од себе за да ја оправдам титулата – амбасадор на „Божиновски“.

Што слушаш во слободно време?

– И во слободното време, но и за време на работните часови слушам безвременска музика. Онаа која нема рок на траење, нема сезона и која никогаш не излегува од мода. Тука би ја вброила класичната музика, филмската музика, француските шансони, кабаретската музика, евергрините, канцоните и инструментална рафинирана музика која ги балансира и опушта сите мои сетила.

Во своите зрели години отпочнуваш со писателска кариера, и во период од само 3 години објавуваш над 9 книги кои се многу популарни помеѓу многубројната читателска публика. Зошто своето животно искуство и спомени ги пренесе во книга?

– Досега имам објавено точно 10 книги за релативно краток временски период. Секоја од нив е резултат, одраз на нешто што кореспондира со мене, со моето битие… Секоја една откорнува понекоја солза, загонетнува по некое прашање, дилема и отвора нови хоризонти… Секоја од вкупно 10. книги е создадена со некоја цел, причина и, ако ме прашуваш зошто, ниту сама не умеам точно да ти одговорам зошто. Претпазливо ги следам знаците, ги препознавам сигналите што ми ги испраќа универзумот и сите мои (и туѓи) доживеани случки, сите искачувања и падови, сите стекнати искуства ме водат кон реализирање на нешто, во случајов книга, која е внимателно обликувана и споделена со мојата публика. Иако само 3 од книгите се автобиографски (во кои несебично пишувам за мојот живот), во останатите 7 книги (кои се целосен плод на мојата фантазија) се спакувани силни пораки, за кои во тој даден период сум сметала дека треба да пишувам, да креирам и да ја фокусирам мојата енергија на нешто многу битно, нешто што е од огромен дефицит во денешницава. А, тоа е: потрага по добрината, вистинското пријателство, машко-женските размислувања, за добрите и лошите страни на Фејсбукот, за љубовта и гревот, кои многу често се испреплетени во причинско-последична релација, за среќата, по која секој човек стреми од своето раѓање и за луѓето што несебично одлучуваат да ги реставрираат туѓите животи и судбини, дури и на сопствена штета.

Кој ти беше најсреќниот момент, а кој најтешкиот кога пишуваше?

– Кога веќе започнувам со пишување, тогаш нема ништо тешко. Тешко е додека почнам и додека се договорам со себеси дали треба или не треба да пишувам, а тоа најмногу се однесуваше на моите автобиографски книги, каде што сопствениот живот го ставаш на тацна, и каде што треба да внимаваш да не скршнеш од вистината ниту, пак, да се трудиш да се претставиш во некакво блескаво светло, во какво не си бил никогаш. Тоа е најтешкиот и најодговорниот дел во автобиографиите, да ја задржиш картата на искреноста и автентичноста.

Романите што се родиле во мојата фантазија се вистинска авантура и екстаза која ми дава целосна слобода, моќ, имагинација и радост низ создавањето, зашто таму можам да бидам која сакам, што сакам и да не се грижам притоа дали некој за тоа ќе ми го суди или не.

Кое е твое омилено четиво, од домашни или странски автори?

– Оф, имам многу омилени книги. Помеѓу најомилените ми се „Внимавај кој волк го храниш“ од Кенан Црнкиќ, „П.С. те сакам“ од Сесилија Ахерн, „Љубовологија“ од Бруно Шимлеша, „Извор на мудроста“ од Балтазар Грасијан, „Тајни за животот“ од Барбара де Анџелис и „Патување на душата“ од Мајкл Њутн.

Во која сфера си најсреќна? Како пејач на класичен или естраден репертоар, како автор, како професор… Во која сфера Сузана е Сузана?

– Порано мислев дека ќе бидам среќна само ако сум на сцена. Дури на моменти знаев да бидам и несреќна, ако музиката подолго не беше присутна во моето секојдневие. Подоцна научив каде и да одам, без разлика што правам и што и да ми се случува, со себе да ја носам музиката и да уживам во сѐ што правам.

Среќна сум секое утро кога се будам, благодарна што добивам уште еден цел ден на подарок, задоволна и преблагодарна што сум мајка на две здрави прави деца и што имам две функционални раце и нозе, како и сѐ уште бистар ум, за да можам сама, без да молам никого, да ги завршувам обврските што ги имам и за да ги реализирам целите што постојано си ги поставувам.

Еден роман ти е насловен „Животот не е бајка“. Што ти приреди тебе животот?

– „Животот не е бајка“ е роман посветен на мојата прекрасна мајка Блага, чиј живот бил сѐ само не бајка. Тоа е жената на која ѝ ги должам сите мои успеси, жената која ме научи на сите основни човечки вредности и затоа одлучив да ѝ посветам книга, опишувајќи ги нејзиниот живот и моето најрано детство во мојата родна Битола.

Мене животот ми приреди многу непријатни изненадувања… Ми донесе многубројни неправди, ми одзеде предвреме многу драги луѓе…

Но длабоко во себе верувам дека сѐ е со некоја голема причина… Да не беа сите тие предизвици, пречки и загуби, немаше никогаш да дознаам колку можам и колку вредам… Благодарна сум за секоја пречка што ја имав на мојот пат!

Што те научи животот?

– Да изнаоѓам решенија, да реставрирам туѓи животи, да им помагам на оние што се понемоќни од мене, да бидам причина за нечија насмевка! Да го живеам сегашниот миг – сега и тука, да не одлагам ништо за утре, да му се радувам на сонцето, на дождот, па и на грмотевиците… да не се плашам од ништо, туку да се справувам, да се борам, зашто животот е џунгла во која преживуваат само најжилавите!

Живееме во време на социјални мрежи, кога секој може да напише и да каже што сака, без да сноси одговорност за последиците. На лицемерие, лаги и суровост. Што се обидуваш да ги научиш твоите ќерки Лора и Матеа ?

– Ги учам да бидат претпазливи, да бидат свои. Да не веруваат во сѐ што ќе прочитаат ниту да паѓаат на слаткоречивост и комплименти. Исто така, ги учам да бидат свесни дека живееме во ужасен свет на лицемерие, примитивизам и ниска вибрација, каде што малограѓанштината и берењето туѓо гајле одзема страшно многу енергија и време. Ги учам да станат имуни на тоа, да не потпаѓаат на ти реков – ми рече муабети. Да си ја гледаат својата работа и да си поставуваат предизвици, а не да живеат во нечии рамки и шаблони.

Дали си емотивно исполнета?

– Се обидувам да бидам. И успевам. Моите емоции и енергија ги канализирам и се фокусирам кон нештата и луѓето што ме прават среќна, задоволна, релаксирана и со кои и молчењето е вистинско уживање. Малку се, но доволни ми се.

Спокојна и радосна сум и додека свирам, пеам, сликам, пишувам, пешачам, додека ги гушкам и бакнувам моите деца. Малку ли е тоа?!

Дали често ја посетуваш родната Битола? Дали се чувствуваш повеќе како битолчанка или како скопјанка?

– Бев и секогаш ќе останам битолчанка во Скопје. И после 31 година живот во Скопје, сѐ уште се чувствувам како битолчанка. За среќа, „Божиновски часовници“ повторно ме врати во Битола. Со новите работни обврски двапати месечно редовно одам во Битола и тоа е причина повеќе за да се чувствувам уште поисполнето, порадосно. Битола беше и секогаш ќе остане дел од мене.

Препознатлива си и по стилот на облекување. Како се менуваше тој во текот на животот?

– Сцената е магија и незамисливо е на сцена да бидеме исти како во секојдневниот живот. Животот на сцена секогаш бара многу повеќе од оној кому сцената му е живот и професија. Во минатото, кога редовно ме имаше на фестивалите и на сцената воопшто, бев преокупирана со мојот стил на облекување и се трудев секој настап и мое јавно појавување да бидат промислени и соодветно „спакувани“ за публиката да може да го доживее настапот од сите аспекти: и аудио, и визуелно, но и енергетски. Се трудев, и мислам дека успевав, приказната да ја доловувам максимално оригинално, за што многу често ангажирав и стилисти, но зад мене долги години стоеше и модната куќа „Кара“, која веќе (за жал) не постои.

Но низ годините прилично еволуирав на тој план. Сега, кога сцената е речиси зад мене, многу сум попрактична во облекувањето и се ослободувам од сѐ што е вишок во мојот живот: вишок гардероба, обувки, вишок предмети потпикнати по некои фиоки и плакари, вишок шминка, а особено умешно се ослободувам од вишок луѓе, кои те бараат само кога имаат потреба од тебе.

Кој е за тебе модна икона?

– Има неколку, но во овој момент помислувам само на една, чија префинетост, едноставност и елеганција ми се секогаш на ум, кога малку „трокирам“ со безидејноста што и за која пригода да облечам. Тоа е Одри Хепберн, жена со безвременска убавина и едноставност, препознатлива по нејзиниот мал краток црн фустан, кој секоја жена мора го има во својот плакар.

Дали во текот на кариерата ти се менуваа пријателите и непријателите? Дали те изненади некој или те разочара?

– Многу интересно прашање за кое сум ти премногу благодарна. Чудна е таа „пријателска“ еуфорија и од друга страна игноранција на истите луѓе во различни услови на живеење… Запрепастувачка! На ова прашање би одговарала, пишувала со часови, не за што подобро да се препознаат оние на кои мислам, ами за да нема заблуди. И очекувања! Животните пригоди и непогоди (помеѓу останатото) ни се дадени и за да дознаеме кои луѓе ни се, а кои никогаш не ни биле пријатели. Од сите лекции што ми ги зададе животот, сфатив дека најмногу корист сум имала од неподадената „пријателска“ рака.

Им благодарам на оние што останаа покрај мене, а двојно повеќе им благодарам на оние што се изгубија од мојот живот. Ми направија огромна услуга.

Лејла Сабит   Фото: Борис Грданоски