Судењето за случајот со смртта на малата Тамара одложено за 29 октомври


Судењето по предметот за смртта на малата Тамара Димовска од Велес, во кој се обвинети 12 лица  за несовесно работење во службата, е одложено за 29 октомври.

На барање на одбраната, судијата Марин Станевски денеска го одложи рочиштето поради непреведени докази на Обвинителството и наложи истите да бидат комплетирани за следното судење кога треба да почне главната расправа.

Адвокатите имаа забелешка и на условите во судницата во новата зграда на Кривичниот суд. Тие побараа работни маси за сите, како и визуелно и тонско снимање на рочиштето.

Досега ова судење беше одложувано три пати поради отсуство на дел од обвинетите.

При закажување на повеќе термини од страна на судијата  Станевски, адвокатите скоро за секој предложен ден во октомври и ноември известија дека се отсутни поради закажани судења за притворски предмети, од кои најчество се за „27 април“ и за „Титаник“.

Судијата  Станевски ги прилагодуваше термините според адвокатите Сашо Дуковски и Татјана Поповска.

За случајот, според соопштението од ОЈО Скопје, обвинети се членовите на Првостепената и на Второстепената комисија, кои го донеле односно го потврдиле негативното решение за лекување на Тамара во странство, како и двата тогашни директора на Фондот за здравствено осигурување и претседателот на Управниот одбор на ФЗОМ.

Малата Тамара Димовска во 2015 година почина чекајќи операција на рбетот во странство.

Првостепената лекарска комисија за одлучување по правото на лекување во странство, се наведува во обвинителниот акт, го донела првичното негативно мислење за лекувањето на Тамара Димовска.

Комисијата, спротивно на Стручниот конзилиум на Универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ, а по истекот на законски предвидениот рок донела мислење дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Македонија.