Судењето за „Насилство во Центар“ почна одново
Во Кривичниот суд денеска одново почна судењето за предметот на СЈО „Насилство во Центар“ во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.
Судењето е вратено на почеток бидејќи со новиот распоред, предметот му е доделен на судијата Душан Јосифов, кој го наследи од судијата Татјана Михајлова.
Рочиштето почна со утврдување на идентитетот на обвинетите и повторно читање на обвинението од страна на обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО. Фетаи кажа дека заради бизнис интереси со наводен мотив уривање на црквата Св. Константин и Елена, дел од обвинетите влегле во дворот на општина Центар и насилнички се однесувале кон оштетените, ги малтретирале, грубо ги навредувале и им ја загрозиле сигурноста. Поради тоа била онезвозможена работата на советниците, а за да се спречат поголеми инциденти, седницата била прекината и презакажана за 10.6.2013 година, кога повторно пред седиштето на општината се собрале неколку стотици луѓе. Дел од обвинетите тогаш насилно ја искршиле оградата од дворот и почнале да фрлаат со разни предмети кон бараката, при што биле искршени сите прозорци. Насилствата продолжиле се до доаѓањето странски амбасадори и претставници на ОБСЕ во општина Центар.
По презентацијата на обвинението, судијата даде пауза, по што рочиштето треба да продолжи со излагање на одбраната.
На претходните рочишта, вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.
Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.
Според новиот распоред на судиите предметот ќе го суди судијата Душан Јосифов. Претходно, „Насилство во Центар“ беше кај судијката Татјана Михајлова, која од овој месец суди во Судот за прекршоци во Градскиот парк во Скопје.