Студентите ќе добиваат субвенции за оброк и други студентски потреби


До 31 мај годинава треба да бидат изготвени законските и подзаконските акти за имплементација на проектот „Субвенциониран студентски оброк и други студентски потреби“.

Проектот кој денеска помина на владина седница, предвидува субвенции за оброк, автобуска карта, карта за театар, книга и други услуги по избор на студентот во текот на денот, а плаќањето ќе се врши преку мобилен телефон или дигитална студентска картичка.

За подготовка на законот Владата го задолжи Министерство за образование и наука. Вклучени ќе бидат и, како што соопшти, министерствата за информатичко општество, за труд, за финансии и за економија, Генералниот секретаријат и Кабинетот на министерот без ресор за подобрување инвестициската клима за домашни компании.

– Овој проект повеќе од 10 години успешно се спроведува во Словенија. Од страна на тамошните институции постои согласност и поддршка за имплементирање на проектот и во Република Македонија со одредени прилагодувања согласно финансиските можности на земјава. Воедно, постои согласност за техничка поддршка и асистенција од словенеќката Влада за реализација и имплементација на овој проект во Македонија, наведува владината прес-служба.