Стопанската комора на Македонија на коморски состанок во Трст


Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, на 29 и 30.01 2018 година ќе учествува на состанок на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), што ќе се одржи во просториите на Генералниот секретаријат на КИФ во Трст. На состанокот ќе се дискутира за стратешките приоритети на КИФ во следниот период, како и за активностите поврзани со Регионалната економска област и обновениот политички импулс за поблиска соработка на економиите во земјите од Западен Балкан, како алатка за поддршка на економскиот раст и патот на регионот кон членството во ЕУ.

Коморскиот инвестициски форум е основан од Стопанската комора на Македонија, заедно со Унијата на стопански комори на Албанија, Комората за надворешна трговија на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово, со цел да се постигне поефикасно вклучување на бизнис заедницата од регионот во процесите на имплементација на инфраструктурните проекти кои се во тек, или кои се планирани, како и во однос на други проекти од важност за економскиот просперитет на земјите од Западен Балкан, со потенцирање на развојот на конкурентноста на економиите од регионот преку поврзани бизниси, соработка и координирани активности.