Столтенберг ќе се обрати во Собранието


Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ќе се обрати во Собранието на Македонија. Неговото обраќање ќе го слушаат и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, откако партијата се изјасни дека нема да ја бојкотира денешната седница.

Во 15 часот, Столтенберг ќе се сретне со премиерот Зоран Заев. Предвидена е официјална церемонија на платото пред Владата, рапорт на командантот на почесната воена гардиска единица, поздрав на знамето на Република Македонија и обиколка на почесната воена гардиска единица

Генералниот секретар на НАТО пристигна синоќа. На скопскиот аеродром го пречека министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска. Потоа тој  имаше неофицијална вечера со неговите денешни домаќини во ресторан на периферијата на Скопје.

Премиерот Зоран Заев на својот твитер профил објави групна фотографија на која покрај него, Столтенберг и Радмила Шеќеринска, се и вицепремиерот Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров и Стево Пендаровски, национален координатор за НАТО.

Под сликата Заев напиша: „Реформските заложби на оваа Влада ја отсликуваат јасната ориентација на нашата земја за членство во НАТО И ЕУ“.

Во текот на денот државната агенција МИА објави интервју со Столтенберг во кое тој рече дека „НАТО ќе ја покани Македонија да се приклучи како негова земја членка, откако ќе се постигне взаемно прифатливо решение за спорот за името во рамките на ОН“.