Столтенберг во Скопје на средби со државниот врв


Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Македонија.

Столтенберг утре напладне ќе се обрати пред пратениците во Собранието на Република Македонија.

Се очекува генералниот секретар на Алијансата да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, како и со министрите за надворешни работи и за одбрана Никола Димитров и Радмила Шекеринска, со лидерот на опозицијата Христијан Мицковски, и со лидери на други политички партии.

Во рамките на посетата, како што информираа од Владата, предвидена е заедничка прес-конференција на Столтенгерг со премиерот Заев в четврток во 16 часот во прес-центарот на Владата.

Посетата на Столтенберг коинцидира со интензивирањето на активностите за решавање на проблемот со грчкото оспорување на името на Македонија, што ја попречува македонската интеграција во НАТО и ЕУ.

Тој во Македонија, како што е планирано ќе пристигне денеска кога во Њујорк, треба да се одржи и нова средба на медијаторот Метју Нимиц со македонскиот и грчкиот преговарач, Васко Наумовски и Адеемантиос Василакис.

– Посетата на генералниот секретар на НАТО на Македонија Јенс Столтенберг е порака сама по себе. Тоа значи дека во изминатите шест месеци успеавме Македонија да ја вратиме назад на евроатлантската патека и успеавме да ги неутрализираме сите оние лоши вести, кои во континуитет во изминативе години доаѓаа во Македонија, порача вчера министерката за одбрана Шекеринска.