Стилски двобој на лидерска средба: Чантите на Шекеринска и Каракамишева
Големи чанти во различни бои и стил избраа Шекеринска и Каракамишева на лидерската средба во Клубот на пратениците во Скопје. Вицепремиерката и министерка за одбрана избра децентен модел, во тегет боја, без видлив бренд, додека професорката по уставно право и претседател на Комисијата за политички систем на ВМРО-ДПМНЕ избра модел со необична, зелена боја, со видливо лого. Во гардеробата на Рада доминираше бисерниот ѓердан, додека проф. Тања збуни со сината блуза во комбинација со црниот костум и чевлите со шарени ромбоиди во зелена и сина нијанса. Очигледно омилени зашто во неколку појавувања во јавноста не ги менува,ги носи истите.
На времето Шекеринска креваше прашина со чантите „лансел“, кои се прилично скапи и може да се купат само во странство, ама со својот политички багаж, тоа може да си го дозволи. Плус, изгледа европски.
Не е сѐ во гардеробата, ама стилот е многу важен во политичките и во дипломатските кругови. Нешто на што „паѓаат на испит“ речиси сите наши политичарки, со изборот на екстравагантна гардероба и екстремно високи потпетици, кои се косат со модните правила во оваа сфера. Или премногу шминка, или запуштен изглед, или црни хулахопки наместо во боја на кожа. Златна средина е вистинскиот одговор за дамите од високата политика, а тука спаѓа и Шекеринска.
Види и ја чантата на жената, па ќе откриеш каква е – е мотото во Македонија.
Не знам зошто е тоа така кај нас. Можеби зашто чевлите се преценети, а чантите потценети. За жена која има стил и чантата мора да е квалитетна, дизајнирана според личен вкус, и што е најважно, да е од кожа , а не од некој сомнителен материјал кој мириса од далеку.
Чантите како и чевлите треба да знаете да ги носите на соодветно место и во соодветно време. Не мора толку да се инсистира на старото правило: иста боја чевли-иста боја чанта, туку на големината во однос на пригодата.
Нашите жени тука највеќе грешат. Навечер носат големи и тешки чанти, а всушност треба да изберат помали кои ја прават поелегантна секоја тоалета. Како што постои дневна и ноќна шминка, постојат и дневни и вечерни чанти.
Лејла Сабит Фото: Борис Грданоски