Стилот на СЈО : Сите ги зборат Катица, Фатиме и Ленче


 

Сите ги зборат, коментираат и одмеруваат настапите и изгледот на специјалните обвинителки од СЈО – Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска. Функционерите се плашат од нивните прес-конференции, жените им ја озборуваат гардеробата, а мажите во муабетите се надмудруваат која е позгодна – бринетата Фатиме или русокосата Ленче.

Со функцијата специјален јавен обвинител Катица Јанева стана интересна и под лупа на јавноста и со стилот на облекување. Тежината на нејзината функција стана важна и одговорна работа за неа, како да изгледа на јавните настапи, а наедно да биде соодветно и сериозно сфатена и да не одвлекува премногу внимание.

Евидентен е стилскиот прогрес на Јанева во изборот на гардеробата, по онаа несреќна модна грешка на почетокот од кариерата како специјален јавен обвинител – огромен ѓердан и блуза со длабоко деколте. Сега таа избира комбинации со палта и фустани, претежно со шарен дезен, дури и црвено, со или без накит. Како да сака да внесе ведрина во изгледот, наспроти одговорната функција. Ја освежи дури и косата, сега ѝ е уште поцрвена. Стилот уште треба да се поправа, секако, доколку тоа ѝ е важно на специјалната јавна обвинителка, за да се дојде до еден посмирен и „подамски“ изглед, соодветен за јавните настапи. Не треба да се штеди на квалитетот и на деловниот изглед. Доволни се неколку класични костими во црна и во бела боја, кои соодветно би се комбинирале во истите бои или во други придушени нијанси. Со здолништа два сантиметри под колената, секогаш со неутрални, мат, тенки хулахопки во боја на кожа, со црни салонки на средно висока потпетица, со затворен преден и заден дел. Особено преку ден. Минијатурни обетки како моден додаток и понекој класичен прстен, не се препорачливи нападни ѓердани или алки ниту, пак, рачни часовници или, сепак, помал, дамски рачен часовник, кој не треба да се гледа под сакото. Со природна, задолжителна шминка и со исфенирана коса, завршена е половина работа. И, секако, маникир во бежова, неутрална боја, кратко потсечени нокти. Советот е: помалку е повеќе.

Специјалните обвинителки Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска се млади, модерни дами, кои го избраа покласичниот стил во јавните настапи, односно костумите, што е за пофалба.

Повеќе експериментираат со шминката и со фризурата. Ристоска ја навикнавме со понежна шминка и со боб-фризура, а Фетаи, исто така, со боб-фризура и со црвен кармин. Сега и двете ги сменија фризурите. Ленче ја потстрижи косата степенесто, а Фатиме сега има поженствена фризура – со кадрици. Озборувањата, дали промената на изгледот е на подобро или на полошо, продолжуваат.

Лејла Сабит