Станал директор на националниот парк „Галичица“, не знае како


Националниот парк „Галичица“ доби нов в.д. директор. Владата на минатонеделната седница го разрешила в.д. директорот Андон Бојаџи и на негово место го поставила Васко Паскали. Без образложение. Паскали е партиски активист, координатор на СДСМ за Петтата изборна единица и важи за неискомпромитиран млад политичар.

Неколку невладини организации реагираа на одлуката, со укажување дека со заштитените подрачја може да управуваат само стручни кадри со искуство во областа.

„Разрешениот Андон Бојаџи е дипломиран шумарски инженер за кого знаеме дека има 25-годишно искуство во националниот парк како раководител на Секторот природа и вистински ја познава областа. Тој е дел од тимот во речиси сите проекти за прекугранична и меѓународна соработка на паркот. Во последните неколку години токму тој се залага за обезбедување самоодржливост на НП ‘Галичица’ преку обезбедување финансии од еколошки туризам наместо од сеча на дрвја како што тоа беше пракса досега. На негово место со одлука на Владата е назначен Васко Паскали, кој е дипломиран правник“, велат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“. Невладините сметаат дека Владата не ја спровела законската постапка за избор на нов директор оти не објавила јавен оглас и бараат да се ревидира одлуката и директор да биде лице кое е стручно во областа на заштита и унапредување на заштитените подрачја.

Владата смета дека не го прекршила законот.

„Постапката за назначување е запазена во целост. Се работи за в.д. директор кој претходно беше поставен, што значи вршител на должност. Одлуката е донесена на минатата владина седница во петокот. Тоа е сè што во моментов можам да ви кажам“, рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Повеќе не кажа ниту новоназначениот директор. Паскали го прашавме каде конкурирал за новото работно место и кому му кажал дека сака да работи во ‘Галичица’?

„Сè е по закон, назначен сум од Владата. Во моментов не можам да ви дадам изјава. Сè е регуларно. Извинете“, беше сè што одговори Паскали. Го прашавме, но не кажа ниту дали се разбира од проблематиката на заштитени подрачја.

Стариот директор Бојаџи вели дека нема пропусти во работењето.

„Не добив никакво образложение за разрешувањето. Не е убаво сам за себе да кажувам, ама убеден сум дека немам пропусти, напротив, имам многу направено. За в.д. ме поставија во август лани, а во националниот парк сум од 1991 година. Активно работам на заштита на природа, главно на промена на начинот на финансирање на заштитените подрачја“, ни изјави Бојаџи објаснувајќи дека кај нас националните паркови се оставени на самофинансирање. Реализирајќи ја препораката за финансирање со „меко“ користење на природните ресурси, како директор ги обезбедува половина од потребните пари од туристички посети. Другите средства ги добил од германскиот фонд ПОНТ, кој финансира проекти за заштита во Охридско-преспанскиот регион. Повеќегодишната соработка со фондот, зад кој стои германската банка КфВ, резултирала со повик да аплицираат за 147.000 евра, што е половина од буџетот за следната година.

„На средината на јануари ќе се одлучува дали ќе ни ги дадат парите. Програмата за работа за следната година е добро подготвена, но како ќе реагираат странците на промената на раководството, останува да видиме“, вели Бојаџи.

Владата на ВМРО ДПМНЕ имаше три идеи за ова подрачје, поврзани со Субрата Рој – за комплексот Љубаништа, за ски-центарот на Галичица и за експресниот пат Косел-Охрид-албанска граница. Бојаџи вели дека бил противник за нивна реализација. Противењето на општата и стручна јавност невладините организации и комитетот на УНЕСКО ја запреа реализацијата на планот. Вљубениците во природата се надеваат дека не е можно старите идеи да воскреснат.

Анита Салтировска