Срѓан Јаниќијевиќ ја подготвува претставата „Дух“ по текст на Дејан Дуковски
Македонски народен театар интензивно се подготвува најновата претстава со работен наслов „Дух“, според последниот текст на Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. Премиера се очекува кон средината на април на големата сцена на МНТ.
По соработката на претставите „Дракула“ (2008) и „Силјан штркот шанца“ (2016), ова е уште една соработка на веќе докажаниот тандем Дуковски – Јаниќијевиќ, посочуваат од МНТ.
Драмата зборува за трагедијата на едно современо семејство, кое ја губи куќата поради долгови, и притоа немаат начин како да го исплатат долгот кон доверителите, на кои куќата им ја ставиле под залог. Низ темата е истакнат бунтот на главниот лик кон социјалната и морална навреда во современото општество.
Во претставата играат: Гораст Цветковски, Никола Ацески, Емил Рубен, Тања Кочовска, Ивица Димитријевиќ,Тина Трпкоска, Оливер Митковски, Матеа Јанковска, Сашко Коцев, Нина Деан, Јордан Симонов и Тони Михајловски.
Сценографијата е на Велимир Жерновски, костимограф е Лидија Георгиевска, извршен продуцент е Виктор Рубен, а инспициент е Никола Кимовски.
Овој текст праизведбата ја имаше надвор од Македонија во 2015 година во Српско народно позориште, Нови Сад, во режија на Александар Поповски, а во септември 2016 година и во Белград, во режија на Милан Нешковиќ, истакнуваат од МНТ.