Српските мелничари бараат контрамерки за Македонија поради проблеми со извозот на брашно
Деловната асоцијација на индустриски мелници, пекари и производители на тестенини „Житоунија“ од Нови Сад ги обвини македонските власти дека со неодамна воведените мерки допринеле увозот на брашно од Србија да биде „речиси неисплатлив”, пишува денешна „Политика“. Тие бараат од Србија веднаш да воведе контрамерки за увоз на земјоделски производи од Македонија.
Според новата постапка, брашното од Србија се извезува во Македонија без македонски маркички. Потоа се складира таму и по фитосанитарниот преглед увозникот може да ги подигне маркичките и потоа да ги истакне на производот. Меѓутоа, исто така, мора и да го отпакува брашното и да ангажира луѓе и оваа постапка, според “Политика”, може да потрае и до еден месец.
„На увозниците со тоа значително им се зголемуваат трошоците и бизнисот со Србија станува економски непрофитабилен. Реално е да се очекува пад на извозот на српското брашно“, изјави Здравко Сајатовиќ, претседател на “Житоунија”.
За српските производители, Македонија преставува трет извозен пазар на кој годишно се пласираат од 30,000 до 40,000 тони брашно. Од „Житоунија“ поднесоа и иницијатива до министерот за трговија Расим Љајиќ што се однесува на Македонија за „воведување на реципроцитетни мерки за одредени производи од особено значење за македонската страна“.
Тие предложуваат да се направи избор на производи што се пакувани во амбалажа и, кои по влегување во Србија, ќе има обврска за складирање, распакување и контрола на квалитетот, како и повторно лепење на декларации и пакување, со дополнително образложение дека ова е нормална процедура што не создава дополнителни трошоци.
Во Министерството за трговија на Србија соопштија дека преку ЦЕФТА веќе се обратиле до надлежните власти во Македонија со барање за објаснување во врска со воведувањето на новите мерки за увоз на српското брашно.
„Процедурата е во тек. Се обидуваме да ги утврдиме фактите. Наша цел е да ги заштитиме интересите на српските производители и извозници, како на брашното, така и на и други производи“, изјави помошник министерот за трговија, Оливера Јоциќ.
Спорот околу извозот на српското брашно во Македонија се одвива со години и досега преку преговори на надлежните министерства на двете земји, секогаш беше постигнат договор.