Српската листа ќе се жали на Уставен суд за Војската на Косово


Претседтелот на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, Горан Ракиќ, смета дека Приштина, со денешната одлуката досегашните Безбедносни сили (ФСК) да се трансформираат во Војска на Косово, изврши атак врз мирот во Косово и грубо ја прекрши Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите Нации, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ракиќ на конференција за новинари изјави дека со споменатата Резолуција на СБ на ОН, единствена вооружена сила во Косово е КФОР.

Тој побара од косовските Срби да не подлегнуваат на провокации.

– Од името на Кризниот штаб на локалната управа на четирите општини од северот, ги повикувам Србите, независно од тоа каде живеат, да не станат жртви на провокациите, бидејќи такво нешто ќе има, изјави Ракиќ.

Тој најави дека неговата партија ќе бара од Уставниот суд да се утврди уставноста на одлуката на Владата на Рамуш Харадинај за трансформацијата на ФСК.