Средба на групата „Пријатели на Македонија“, прва по промената на власта


Во Брисел денеска се одржи средба на возобновената група „Пријатели на Македонија“, прва под претседателство на холандскиот либерален пратеник Ханс Ван Бален, и прва по промената на власта во Македонија.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров и европратеникот Ханс Ван Бален, по повод возобновувањето на „Пријатели на Македонија“, кусо им се обратија на гостите, поздравувајќи ја поддршката на оваа група составена од 43 европратеници кои отворено ја поддржуваат Македонија во нејзините европски амбиции.

– Обновувањето на работата на групата „Пријатели на Македонија” по три години од нејзиното формирање, е вистински сигнал за поддршка на новото лице на Република Македонија: демократско, фокусирано кон иднината и европското семејство, истакна Димитров.

Во изјава за МИА, Ханс Ван Бален рече дека се надева на брзо решение на спорот за името со Грција за да може Македонија да напредува.

– Се чини дека Македонија сериозно го разгледува ова прашање и компромис треба да се пронајде. Треба да ги убедиме нашите грчки пријатели дека постои држава Луксембург и провинција Луксембург во Белгија, има и Холандија и англиска провинција со исто име, и нема никаков проблем. Треба да го прифатат фактот дека во името секогаш ќе има нешто со Македонија, и треба да е прифатливо за Атина, мислам дека и за Грција е важно да има нормализација, рече Ван Бален.

Слични пораки на поддршка за решавање на прашањето за името пристигнаа и од потпретседателот на Европската Народна партија, европратеникот од Бугарија Андреј Ковачев, кој наскоро ќе допатува во Македонија со делегација од Европскиот парламент.

Тој изјави дека Македонија може да смета на поддршката од ЕП, но и дека европратениците имаат задача да им објаснат на своите национални влади дека проширувањето кон Балканот е клучно.

– ЕУ треба да убедува своите граѓани во Германија, Англија, Франција, Холандија дека проширувањето е во интерес на сите нас, не само на земјите од Балканот. Балканот е зона на небезбедност, на различни други влијанија од други земји, и тоа не е добро за ЕУ.

Министерот Никола Димитров по средбата со „Пријателите на Македонија“ замина на средба со високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.