Средба Мицкоски-Нимиц: Заштита на националниот идентитет на Македонците


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната средба со медијаторот на ООН за прашањето за името Метју Нимиц рекол дека разговорите за името треба да продолжат да се водат во рамката утврдена од Обединетите нации, почитувајќи ги документите и принципите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

На средбата, стои во соопштението, од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше изразена загриженост за одредени чекори во грчкото општество кои иритираат и поттикнуваат негативи чувства кон Република Македонија и истите не се од помош на целокупниот процес.

– Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека решението за кое преговара македонската Влада треба да ги запазува државните и националните интереси и да не го загрозува националниот идентитет на Македонците, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Медијаторот Нимиц, кој од вчера е во посета на Македонија, денеска имаше средби со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и со претседателот на ДУИ Али Ахмети.