Спасовски: Не прифаќаме никакви уцени од ИВЗ


Откако ИВЗ вчера испрати ултиматум до Владата дека има рок од 10 дена да го врати имотот во нивна сопственост, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека уцените од ИВЗ до Владата за враќање на имотот се сериозни и дека Македонија е секуларна држава и Владата не прифаќа никакви уцени од ИВЗ.

Еден ден по преписката со ИВЗ, власта испраќа пораки за „смирување на топката“. Двајцата потпретседатели на Владата Бујар Османи и Оливер Спасовски денеска повикаа на дијалог.

„Повикувам на сериозен пристап на одговорни луѓе и добра комуникација. Оваа влада на чело со Заев покажа дека има сериозен капацитет за сите прашања и дијалог и сакам во тој дух да разговараме со секого и нема да дозволиме било какви уцени“, рече Оливер Спасовски.

ИВЗ вчера со писмо ја информираше Владата дека има 10 дена за да го врати имотот во нивна сопственост бидејќи, во спротивно, ќе ги информира верниците на 700 џамии дека се дискриминирани како заедница.

Владата возврати дека по уцените планира да го извести јавното обвинителство.