Со 24-часовен генерален штрајк и протести грчките синдикати ќе го одбележат Денот на трудот
Под слоганот „Мир, демократија, правда, еднаквост, работнички права“, двата најголеми грчки синдикати, објавија 24-часовен генерален штрајк по повод Денот на трудот. Паралелно, закажаа и протест во центарот на Атина и ги повикаа граѓаните масовно да земат учество.
Грција утре ќе биде без бродови и возови, поради 24-часовниот штрајк на поморската федерација и на грчката железница, додека пак јавниот превоз во Атина, најави неколку часовни прекини со работа.
Синдикатот на Комунистичката партија на Грција, како и секогаш, ќе одржи посебен протест, „против искористувањето и империјалистичката војна и за победа на народите“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, освен двата најголеми Синдикати и синдикатот на Комунистичката партија на Грција, протести закажаа и анархистичките здруженија и организации во Грција, а демонстрации, освен во Атина, ќе се одржат и во други градови во Грција.