Со јапонски грант ќе се опремуваат пет болници и четири училишта


Пет јавни здравствени установи и четири основни училишта добија грантови од Јапонија во вкупен износ од 428.066 евра. Парите ќе се искористат за девет проекти, односно за просторни реконструкции, набавка на опрема и за медицински возила за транспорт. Доделени се преку програмата ГГП – Грант-помош за поддршка на мали проекти за човекова безбедност.

Грантови добија основните училишта „Браќа Миладиновци“ од Куманово, „Добре Јованоски“ од Прилеп, „Св. Климент Охридски“ од Битола, „Исмаил Ќемали“ од село Црнилиште во општина Долнени, клиниките за гинекологија и акушерство и за дигестивна хирургија во Скопје,  Здравствениот дом „Гоце Делчев“ во Делчево, Клиничката болница од Штип и Институтот за респираторни болести кај деца – Козле.

„ГГП има долга историја во Македонија. Од 1996 година имплементиравме 129 проекти. Оваа година имаме девет проекти со преку 428.000 евра што е најголемата ГГП помош доделена во една година. Со нив ја покажуваме посветеноста на Јапнија во зајакнување на нашите континуирани билатерални врски со Македонија. Ние, граѓаните на Јапонија, како пријатели на Македонија сме многу среќни за сите жени, мажи и деца кои ќе имаат корист од овие проекти“, рече амбасадорката на Јапонија Кеико Ханеда на свеченото потпишување на договорите.

За доделените грантови се заблагодарија министрите за здравство и за образование, Венко Филипче и Рената Дескоска, како и вицепремиерот и координатор за странска помош во Македонија Бујар Османи.

Рече дека помошта е наменета за два витални сектора во општеството и дека неповратните средства од Јапонија секогаш се насочени кон доброосмислени, одржливи и функционални проекти кои прават реална промена во секојдневниот живот на луѓето.

Програмата за мали грантови-ГГП од Јапонија се спроведува  30 години во над 140 земји во светот. Во Македонија е 22 години во кои е доделена помош од повеќе од шест милиони евра. Со грантовите се реновирани повеќе од 60 училишта, набавена е опрема за 40 здравствени установи и се доделени повеќе од 20 специјализирани возила за јавните претпријатија. Во Македонија досега се доделени околу 420 милиони евра преку различни програми од Јапонија.