Со праг од 1.000 евра, повисок персоналец за 74.000 граѓани
Првите пресметки на Владата покажуваат дека доколку се воведе оданочување од 18 отсто на делот од приходите над 1.000 евра, повисок персоналец ќе треба да плаќаат 74.000 граѓани.
„Верувам дека процентот е многу мал а ќе се соберат сериозни средства“, ги откри бројките премиерот Зоран Заев, на Првата годишна конференција на Министерството за финансии по повод 26-годишнината од носењето на првиот Буџет на независна Македонија.
Дополнително собраните 30 милиони евра, врз основа на прогресивното оданочување на приходите, според премиерот Заев, може да се наменат за подигнување на социјалната помош која би била достоинствена, од 12.000 денари. Или, од 2018 да биде воведена ветената бесплатната здравствена заштита за сите, за што се потребни 7 милиони евра.
„Сакаме да знаат граѓаните колку средства би се собрале и за кои конкретни цели ќе бидат потрошени“, рече Заев, додавајќи дека „како леб ни е важно да не ги избркаме инвеститорите“.
Лоцирајќи дека решенијата за прагот и за стапката на персоналецот ги определуваат од една страна приходите што ќе се соберат во Буџето, а од друга намерата да не бидат дестимулирачки за идни вложувања, премиерот Заев кажа дека привлекувањето инвестиции останува определба на Владата. „Минатата влада привлече 24 компании, ние сакаме бројот да расте. Досега потпишавме договори со 9 компании, а овие денови ќе потпишеме уште со 9 инвеститори, без при тоа да потрошиме пари за промотори, реклами“, рече Заев.
Нема да се чепка кај данокот на добивка. И во делот на локалните даноци нема да се интервенира, но премиерот побара од општините да обезбедат приходи за да го вратат кредитот од 120 милиони евра што ќе се земе за плаќање на нивите долгови. Една од разгледуваните варијантите е да се врзе отплата на ратите со ДДВ-то што од Буџетот се префрлува на општините. За да има бизнисот предвидливи услови за работа, Заев рече дека нема да се менува стапката од 5 отсто ДДВ кај градежништвото.
Министерот за финансии Драган Тевдовски влезе во дискусијата дали прогресивниот данок ќе има ефект на бркање на граѓаните кои би биле погодени од измените на регулативата. Македонија, според него, постепено ќе воведува прогресија, за да дојде до поправедно оданочување и затоа нема да има бркачки ефект. Тој го кажа примерот на Албанија која во 2014 година вовела две стапки од 13 и 23 отсто, а ги посочи и примерите на САД со 40 и Словачка со стапка од 50 отсто.
Заев: Ќе ја нападнеме сивата економија
Остра најава за борба против сивата економија најави вчера премиерот Зоран Заев.
„Сакам граѓаните да знаат дека државата ќе си ги наплати своите давачки од сивата економија. Не сакам да се заканувам, но ќе ја нападнеме сивата економија“, ја искористи приликата премиерот Заев за да испрати порака. Алармот, според познавачите, е запален поради слабата наплата на даноците, за да не биде дека се оди само на полесна наплата, со зголемување на персоналецот.
Загрижувачки размери на сива економија во Македонија констатира и Светска банка. Според проценките, неформалната економија изнесува меѓу 30 и 35 отсто. Управата за јавни приходи на регионалниот форум за скриена економија во февруари потврди дека има пријавувањето на помали приходи, се издаваат фиктивни фактури и се лажираат, а најмасовно е неиздавањето на фискални сметки. Секторски гледано, сивата економија се смета дека е најизразена во градежништвото. Околу 30 отсто од исплатите се вршат во плико и не се оданочуваат.
Анита Салтировска